Предлог-измените во Собранието, како претставник на власта, ќе ги брани заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ. За повереник е назначен Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда. Името на министерот Лога го нема
Предлог-измените на Кривичниот законик Владата ги утврдила на седницата одржана на 29 август 2023 година, но за тоа не ја извести јавноста. Интересно е што на фотографиите од таа владина седница, објавени од владината прес-служба, не може да се забележи присуство на министерот за правда
Владата до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце, а измените во Собранието, како претставник на власта, ќе ги брани заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ. За повереник е назначен Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.
Зачудува фактот што Владата не го назначила министерот за правда Кренар Лога за нејзин претставник што треба да ја образложува потребата од носењето на овие предлог-измени.
„360 степени“ праша во Министерството за правда, која е причината што министерот Лога нема да се појави пред пратениците, а оттаму кратко ни одговорија дека тој е на службен пат во Босна и Херцеговина.
„Тоа е единствената причина“,
ни рекоа од Правда.
Инаку Лога од вчера е во службена посета на БиХ.
„360 степени“ се обиде да стапи и во контакт со заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, но таа не одговори на повикот ниту на пораката во која ја прашавме: „Која е причината што Владата ја назначила неа за претставник во Собранието за измените во Кривичниот законик, а не министерот Лога?“
Предлог-измените на Кривичниот законик Владата ги утврдила на седницата одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа ниту од владината прес-служба ниту од некого од нејзините членови. Информацијата стана јавна кога материјалот стигна во парламентот.
Интересно е што на фотографиите од владината седница на 29 август 2023 г., објавени од владината прес-служба, не може да се забележи присуството на министерот за правда.
Министерот Лога тој ден водеше преписка со Уставниот суд во врска со предметот за уставноста и законитоста на Упатството за водење матични книги и во јавноста немаше информација дека тој бил некаде надвор од државата поради што не би можел да присуствува на владината седница.
Владата до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце. Тоа значи дека, според Владата, измените се однесуваат на усогласување со европското законодавство, а дополнително се бара измените да се усвојат и по скратена постапка.
Предлог-измените за одредени членови и образложенијата се напишани на 44 страници. Меѓу нив е предлог за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото „злосторничко здружување“ од членот 394. Тие повлекуваат и порано застарување на дел од кривичните дела. Повеќе во текстот на линкот подолу: