Според министерот за здравство Арбен Таравари, интерпелацијата на спикерот Гаши ќе биде неуспешна, но вели дека опозицијата ќе има шанса за спектакл
Зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка да се смени собранискиот спикер, во контекст на сите изјави за одговорно работење на кој било функционер поставен на која било позиција. Ова денеска го посочи лидерот на СДСМ и пратеник Венко Филипче од Струмица одговарајќи на новинарско прашање дали пратеничката група на СДСМ заедно со коалицијата ќе ја поддржи интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Во текот на оваа недела Филипче најави дека ќе имаат координација со пратеничката група, дека ќе заземат став, по што ќе ја известат јавноста.
„Секојдневно слушаме како премиерот зборува за одговорност, за одговорна работа. Министерството за внатрешни работи детектира, а тоа го стави и на писмен документ, несоодветно однесување, неправилно постапување на собранискиот спикер. Со тоа, падна во вода ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за одговорно владеење“,
вели Филипче.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека не верува оти ќе помине интерпелацијата на собранискиот спикер Гаши, со кого припаѓаат на опозициските партии на Албанците, дел од коалицијата „Вреди“.
„По тоа што слушам, не верувам интерпелацијата дека ќе помине. Поголемите партии што се во Владата, во мнозинството, нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешно, но ќе имаат шанса за спектакл тие што се опозиција“,
рече Таравари.
На 3 септември во Собранието е закажана пленарна седница на која е ставена на дневен ред Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши, поднесена од пратениците на Левица.
Интерпелацијата е заснована на седум точки, образложени на десет страници. Во барањето за интерпелација се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички.
Итна смена на Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка во кој учествуваше неговиот шеф на обезбедување, кој доби кривична пријава и отстранување од работното место, побараа и од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека не е потребна смена на собранискиот спикер, а обвинувањата од опозицијата ги оценуваат како обиди „да се ќарат политички поени“. Интерпелацијата за Гаши, според „Вреди“ е обид да се предизвика политички земјотрес и да се стави на тест владиното мнозинство.
По многубројните критики и обвинувањата дека користи службено возило и службено обезбедување на приватно патување на свадба во Косово, спикерот Африм Гаши во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека таквите критики биле отпор да се прифати еден поинаков профил на претседател на Собранието кој по 22 години промовира различни вредности од тоа што било претходно.