Оттаму ја повикуваат Владата и министерот за животна средина, Изет Меџити да одговорат дали ќе се направат нови и целосни анализи на водите на Крива Река, Пчиња и Вардар, да соопштат какви мерки ќе се преземат за заштита на водостабдувањето и храната во регионот, како и зошто нема објавено ниту еден инспекциски извештај за рудникот „Тораница“
Поминаа четири дена откако во јавноста се обелодени случајот со еколошка хаварија во Крива Река, а Владата заедно со Министерството за животна средина и останатите надлежни институции се уште не даваат одговори, велат денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).

„Нема информации што ќе се преземе, нема најави за нови анализи, нема план за заштита на здравјето на граѓаните. Кој го донесе политички мотивираното тврдење дека во реката се излеала само вода, без ниту една анализа. Дали здравјето на граѓаните е помалку важно од заштита на интересите на фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ?“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Оттаму ја повикуваат Владата и министерот за животна средина, Изет Меџити да одговорат дали ќе се направат нови и целосни анализи на водите на Крива Река, Пчиња и Вардар, да соопштат какви мерки ќе се преземат за заштита на водостабдувањето и храната во регионот, како и зошто нема објавено ниту еден инспекциски извештај за рудникот „Тораница“.
„Директорот на рудникот ‘Тораница‘, Тони Тоневски е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Емил Спасовски од ВМРО-ДПМЕ го обвини градоначалникот на Крива Паланка дека шири паника, наместо да побара анализа на водата“,
велат од опозициската партија.
Според независните анализи што ги објавија Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, концентрацијата на тешки метали, цијаниди и други токсични материи во Крива Река е десетици и стотици пати над дозволеното, што е огромна закана за живиот свет, бунарите и за земјоделските површини.
Потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, поранешна министерката за животна средина и просторно планирање смета дека итно треба да се направат анализи и во реките Пчиња и Вардар бидејќи, како што рече, сè што се продава на пазарите во Скопје, Куманово, Крива Паланка, Велес и другите градови, се наводнува од реките од тој слив.
Градоначалникот на Крива Паланка преку објава на својот фејсбук-профил информира дека официјално ја поднел кривичната пријава за хаваријата во Крива Река.
Од компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудникот „Тораница“, рекоа дека на 14 март 2025 година, поради дефект на водоводна цевка, истекла јамска подземна вода во Крива Река, за што ги информирале сите надлежни институции, но и јавноста, а истовремено постапиле согласно пропишаните правила и протоколи.