Комисијата на Лекарската комора едногласно констатирала дека терапијата која била давана на пациентката соодветствува со протоколите за лекување на ковид 19
Не сум изненадена, ова и го очекував, вели ќерката на 41-годишната беровчанка Руменка Довичинска, која пред еден месец почина од компликации од ковид-19 на Инфективното одделение во Штип, а стручниот надзор на Лекарската комора покажа дека била лекувана според предвидените протоколи.
Ќерката на починатата, Михаела Довичинска, за „360 степени“ вели дека и по еден месец официјален извештај од стручниот надзор за смртта на мајка и не добиле, туку дека за тоа дознале преку медиумите.
„Се надевам дека барем тие работи што се спомнати во извештајот, за подобрување на комуникацијата во болницата, за изнаоѓање начин критичните пациенти да бидат поблиску до персоналот со што би биле под постојан надзор, навистина ќе ги спроведат и подобрат во болницата во Штип. Од срце се надевам дека по овој случај ќе спасат барем некој човек повеќе во таа болница“,
вели Довичинска.
Таа претходно на социјалните мрежи објави дека нејзината мајка го молела персоналот за да добие кислород.
Коментирајќи го извештајот од стручниот наздор, таа и на социјалните мрежи упати критики што Комисијата посочува дека смета оти кислородната поддршка не била од примарно значење за исходот и дека не е нотирано времето на менување на кислородни боци.
,,’Пациентката Р.Д. била во лоша здравствена состојба со ниска и променлива сатурација во текот на лекувањето, со докажано воспаление на бели дробови и Комисијата смета дека кислородната поддршка не била од примарно значење за исходот.’ Супер. Штом Комисијата смета дека кислородната поддршка не била од примарно значење, воопшто не е важно во какви околности починала мајка ми, нели? Нормално е во оваа пропадната држава човек од крв и месо да моли да дише само затоа што, според некоја си комисија, кислородот не бил од примарно значење. Еве, ако треба јас дури и јавно ќе ви се извинам што мајка ми ви потрошила две, три, пет или десет ваши, скапоцени боци со кислород“,
пишува Довичинска.
Довичинска вели дека нема надеж во водење правна битка, бидејќи не верува дека може да ја добие.
„Факт е дека се слушнав со неколку правници и знаете кој беше одговорот? ‘Сме имале вакви или слични случаи, но претешки се за водење и шансите да се добијат вакви случаи се минимални, би те поддржале, но реалноста која треба да ја знаете е таа.’ Јас го знаев ова, го знаеме сите ние, а еве сега, после 34 дена добивме и потврда. Вакви случаи се речиси невозможни за докажување баш поради тоа што се наоѓаме на дното, баш поради тоа што живееме во пропадната држава, со пропаднат и здравствен и правен и секаков систем“,
пишува Довичинска.
Комисијата на Лекарската комора едногласно констатирала дека терапијата која била давана на пациентката соодветствува со протоколите за лекување на ковид 19, редовно била мерена и сатурацијата и запишувана еднаш дневно.
Од Министерството за здравство соопштија дека комисијатата предлага да се направат одредени технички и организациски промени во работата на болницата во Штип.
„Не се нотира време на менување на кислородни боци и период кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал. Утврдено е дека на одделението постои телефон во работната соба чиј број е истакнат во секоја болничка соба, но поради тоа што медицинскиот персонал е во полна лична заштитна опрема и не е во можност да одговара на сите повици, од Комисијата е сугерирано дека е потребно да се востпостави подобра телефонска комуникација. Потешките пациенти да бидат сконцентрирани во неколку простории блиску до персоналот за да бидат под постојан надзор“,
информираа од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека се разгледува извештајот и препораките наведени во него, по што, ќе известат за следните чекори.