Американските власти сметаат дека Камчев интензивно се занимава со корупција повеќе од една деценија, како и дека го искористил своето богатство и коруптивно влијание за да манипулира со судскиот систем во Северна Македонија нагласувајќи го тука тоа што со неговото коруптивно однесување придонел за колапсот на СЈО
Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев од денеска е на „црната листа“ на САД поради корупција.
Нарекувајќи го „корумпиран бизнисмен“, американското Министерството за финансии објави дека одлуката на Канцеларијата за контрола на странски средства е донесена денеска и ја нагласува посветеноста на САД да промовира одговорност за сите поединци и фирми кои „ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и другo дестабилизирачко однесување“.
„Господинот Камчев ја злоупотреби својата положба со преземање коруптивни активности и спроведување агенда за своите потреби на сметка на демократските институции и граѓани на Северна Македонија“,
изјави потсекретарот на Министерството за финансии, Брајан Нелсон.
Во објаснувањето на одлуката за ставањето на Камчев на „црната листа“ се наведува дека тој интензивно се занимава со корупција, вклучително и со злоупотреба на службената положба, перење пари и други незаконитости повеќе од една деценија, односно од раните 2000-ти.
Од Министерството за финансии потсетуваат дека во 2022 година Камчев беше осуден во судскиот процес „Плацеви на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште, а признал вина во случајот „Империја“, каде што станува збор за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.
За двата случаи тој веќе ги издржа затворските казни и од ноември лани е на слобода.
Дополнително, се посочува дека Камчев го искористил своето богатство и коруптивно влијание за да манипулира со судскиот систем во Северна Македонија. Во 2020 година, како што се нагласува во соопштението, шефицата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, била обвинета за примање поткуп токму од Камчев и таа сведочела дека бизнисменот платил пари во замена да добие поволни услови во однос на приведувањата и исходот на случајот што се водеше против него.
„Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против обвинителката и други лица тврдејќи дека тие изнудувале пари. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“,
се додава во соопштението.
После овој скандал, кој на македонската јавност ѝ е познат како случајот „Рекет“, се случи колапс на СЈО, а како резултат на тоа, констатираат американските власти, многу случаи на висока корупција што СЈО ги истражуваше стагнираа и остануваат нерешени, со што се одложува понесувањето одговорност од многу поединци кои се занимавале со корупција слично како Камчев.
Санкциите против бизнисменот Камчев значат дека целиот негов имот што го поседува во САД се замрзнува. Се блокираат и сите субјекти кои се во директна или индиректна негова сопственост, а во кои тој поседува барем 50 отсто, а се забрануваат и сите трансакции од други лица кои би можеле да го таргетираат и него.
Камчев е третиот кој само оваа година се најде на „црната листа“ на САД. Вчера беше објавено дека на листата е ставена и македонската компанија „Сајтрокс“ поради шпионски софтвер, односно поради обиди да добијат пристап со информациски системи со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и организации низ светот.
Поради корупција, како Камчев, пред точно еден месец на „црната листа“ заврши и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, од ДУИ. За него американските власти соопштија дека присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на довербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија.
Во април 2022 година, пак, мета на американските санкции поради корупција и поткопување на владеењето на правото и демократските институции се најдоа поранешниот премиер Никола Груевски и ексдиркеторот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кои инаку, исто како Камчев, беа осудени во предметот „Плацеви на Водно“.
Во „Империја“, пак, беше опфатен Мијалков, кој исто така призна вина и се спогоди со обвинителството.