Реакцијата на опозициската партија следува откако претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, кажа дека надлежните институции имале рок од четири години да постапат по иницијативите на ДКСК во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција
Зошто Антикорупциската комисија молчела четири години иако знаела за скандалите на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, кажа дека надлежните институции имале рок од четири години да постапат по иницијативите на ДКСК во врска со градоначалникот на Струга.

Првата антикорупционерка говореше и за случај во Судскиот совет од чија е-архива исчезнал и предметот против претседател на Основниот суд во Струга за политичко влијание на судија кој одлучувал по барањето на Општина Струга за зголемување на минимумот средства за функционирање на општината, за да може да се изврши спорната јавна набавка, за потоа, по ургенција од ДКСК, од Советот да кажат дека предметот застарел.
На ваквите наводи на ДКСК, од опозициската партија оценија дека криминалот е длабоко метастазиран во сите институции на државата, а оти потенцијалните оставки на членовите во Судскиот совет се најмалата работа бидејќи, како што велат, потребна е оставка на целата влада.
„Денес ДКСК излезе со признание дека пред четири години реагирале за случај каде има основано сомнение за криминал на струшкиот градоначалник Мерко, а Судскиот совет политички контролиран од СДС и ДУИ го згаснал. Отворено се поставуваат две прашања: Зошто Антикорупциска молчела четири години иако знаела за скандалите на Мерко, и кој од власта на СДС и ДУИ правел притисоци во Судскиот совет да го згасне предметот на струшкиот градоначалник?“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
