Претседателот на СДСМ, Зоран Заев заврши со одморот. Од партијата најавуваат дека од утре, нивниот лидер стартува со засилен ангажман за создавање парламентарно мнозинство кое би гласало за идната влада, предводена од него.
На агендата консултативни средби, неофицијално, веќе е впишана првата. Иако нема официјална потврда, партиски извори велат дека утре во 14 часот, во Клубот на пратеници, Заев ќе разговара со претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Во распоредот има предвидени средби и со лидерите на останатите парламентарни партии, но тајмингот се уште не е прецизиран.
Во своето последно интервју дадено за хрватски Национал, Заев, во однос на идната владина коалиција укажа ќе разговара со сите, но не и со „структури кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт“.
Согласно со уставните рокови, најдоцна до 14 август претседателот Стево Пендаровски би требало да го определи мандатарот, кој во наредните 20 дена, што би значело до почетокот на септември, би требало да ја состави новата влада и да поднесе до парламентот програма за работа.
Претседателот Пендаровски најави дека мандатот за состав на идната влада ќе му го довери на оној ќе го увери дека стасал до мнозинство во собранието, дури и пред истекот на уставно определниот рок.