„Зоран Заев беше човекот на позиција на моќ, кој имаше реален авторитет и со кој можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки. И на крајот Зоран Заев е човекот што изврши влијание целосно да му биде вратен пасошот на Јордан Камчев (во случајот ‘Империја’) за она што сум јас осуден. Тоа го имам како материјален доказ“, изјави Бојан Јовановски на денешната прес-конференција по повод неговото барање за повторување на кривичната постапка за случајот „Рекет“
Во барањето за ново судење за случајот „Рекет“, кое Бојан Јовановски познат како Боки 13 денеска го поднесе во Основниот кривичен суд Скопје, како еден од доказите што ги нуди е тврд диск со комуникацијата од неговиот телефон.
Екстерниот тврд диск, како што рече, му бил даден во рамките на случајот „Меѓународен сојуз“ каде што исто така е обвинет и со негово ИТ-вештачење во нова кривична постапка за „Рекет“ можат да се извлечат податоци кои ќе придонесат за целосно расчистување на случајот.
Информирајќи за оваа нова околност, тој го спомена поранешниот премиер и екслидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев.
„Пред овој суд е повторно дадено известието од вештото лице професор Орце Симов, кој е вештак по ај-ти технологија и се работи за мојот телефон. Го доставивме повторно како доказ поради тоа што во случајот КОК 49/20 – ‘Меѓународен сојуз“ ми беше даден некаков екстерен хард диск и сега судот може многу полесно да го прибави тој материјал да го извештачи согласно одредба од Законот за кривична постапка (ЗКП) и да тргнеме во една постапка каде што ќе се видат не само селектираните докази што ги презентираше (Вилма) Русковска. На пример, од Бојан Јовановски и Зоран Заев се презентираа само две-три пораки. Од тие две-три пораки излезе дека Зоран Заев знаел за рекет но во една позитивна, афирмативна смисла, дека тој е човекот што го бранел законот. Тој е сè само не е човекот што го бранел законот“,
рече Јовановски.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека Зоран Заев бил човекот што, според тврдењата на Јовановски, комуницирал директно со сите лице што биле кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
„Зоран Заев беше човекот на позиција на моќ којшто имаше реален авторитет и со којшто можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки. И на крајот Зоран Заев е човекот којшто изврши влијание целосно да му биде вратен пасошот на Јордан Камчев (во случајот ‘Империја’) за она што сум јас осуден. Тоа го имам како материјален доказ“,
изјави Бојан Јовановски.
Прашан за писмата што ги испраќаше до јавноста додека беше на издржување на затворската казна за „Рекет“ во затворот „Идризово“ и во кои тврдеше дека врз него се подготвува ликвидација, Јовановски кажа дека и денеска стои зад сите наводи што ги напишал тогаш.
Наводите што ги изнесе во соопштенија до јавноста, додаде тој, ги пријавил до скопското Основно јавно обвинителство, но, како што рече, до ден-денеска нема никаква одлука оттаму во врска со нив.
„Формално-правно и институционално тоа е пријавено во Основното скопско обвинителство пред надлежен јавен обвинител тогаш делегиран од Љубомир Јовески. За жал до ден денеска никаква јавнообвинителска резолуција во однос на тие кривични пријави немам. Оттука ќе ми дозволите да поставам прашање до надлежниот јавен обвинител Граврил Ристовски, не Бубевски, којшто во два-три наврати, морам и тоа да го откријам, при мое барање од затворот „Идризово“ да продолжам со пријавување на кривични дела бев одбиен и не ми беше даден термин“,
кажа Јовановски.
Тој информира дека кривичните пријави што ги доставил до скопското јавно обвинителство со дополнителни докази со кои располага ќе бидат разгледувани од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Неговиот распит во врска со овие материјали пред ОЈО ГОКК, како што изјави, бил закажан за 10 мај.
„Морам да изразам еден вид пофалница поради тоа што беше прифатена мојата иницијатива од страна на ОЈО ГОКК и еве ексклузивно можам да кажам дека мојот распит пред надлежен обвинител каде ќе продолжам со пријавување на кривични дела со кои јас располагам со докази е 10 мај 2024 година пред ОЈО ГОКК“,
рече тој.
На прашањето дали имал притисоци по најавата за денешната прес-конференција, Јовановски одговори потврдно, но на дополнително прашање од кого дошле притисоците, не сакаше да одговори.
„Па ајде да го оставиме тоа на надлежните. Јас сум транспарентен, можам да зборувам овде, но не сакам да правам театар од нешто што не можам да го докажам. Па има (притисоци), не им е баш комотно сега на лица коишто се директно засегнати, а сè уште се на некаква позиција на моќ, да се разбереме. Дали се во заминување или во незаминување тие се сè уште со мандатни, актуелни политичари и властодржители“,
рече Јовановски.
Прашан дали се плаши дека после оваа прес-конференција може повторно да биде вратен назад во затвор, тој рече дека има правосилна одлука за прекин на издржувањето на затворската казна за случајот „Рекет“ и тоа нема да се случи.
„Јас имам правосилна одлука за прекин, во однос на тоа што го издржувам како казна затвор. Медицинската документација и претпоставките во законот кои што го опишуваат овој институт не го дозволуваат тоа, а се надевам дека нема толкава негативна тенденција и злонамера тоа да се случи“,
рече Јовановски.
За потсетување, тој денеска во Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“ во кој правосилно е осуден на деветгодишна затворска казна за кривичните дела примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Барањето за ново судење, како што изјави Јовановски на прес-конференција, го темели на нови околности и докази што произлегле од постапката која се водела пред Основниот граѓански суд по тужба на Јордан Орце Камчев.
Во барањето за ново судење, Јовановски, освен листа на материјални докази што ги предлага да бидат изведени, наведува и листа на сведоци кои предлага да бидат сослушани во евентуално новиот судски процес за „Рекет“.
На листата на сведоци што ја предлага се: Ратка Куновска-Камчева, Кристина Камчева, Зоран Заев, Горан Николовски – Џони и Зоран Милевски – Кичеец.