Здружението на новинарите на Македонија денеска предупреди дека не смее повторно да се дозоли државата да дава пари во приватните медиуми. Реакцијата од најстарото еснафоско здружение следува по информациите дека до Собранието се доставени нацрт-предлог на измени на Законот за АВМУ со кои не само што укинува забраната за државно финансирање на приватните радија и телевизија, туку и се гарантира годишен фонд за таа намена.
Конкретните детали од предлогот ги објави „Призма“.
„Укажуваме дека не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми, бидејќи веќе е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар. Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност. Предупредуваме дека со вакви решенија ќе се нанесе директна, трајна и непоправлива штета на целиот медиумски сектор. Затоа, потребно е забраната за рекламирање во медиумите да остане законска обврска и таа да се почитува од сите единици на централната, локалната власт, како и од јавните претпријатија“,
соопштија од ЗНМ.
Анонимниот предлог кој во моментов се разгледува во Собранието, според ЗНМ е изработен во дискреција од политичките партии, без спроведени консултации и вклученост на медиумските организации. Обидот да се протурка такво решение, велат од новинарската организација, покажува дека Владата и партиите немаат искрени намери да креираат решение кои ќе гарантираат незавиност на медиумите и слобода на изразувањето.
Забраната за рекламирање на владини и локални институции и компании на приватни медиуми дојде како предлог токму на актуелните владини партнери. Пред 2017 година, односно за време на владите на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, во некои години се одвојуваа суми и од по неколку милиони евра за владини реклами – пари кои во најголем дел завршуваа во неколку приватни медиуми. Токму тие приватни медиуми се претворија во гласноговорници на владејачката елита, известувајќи позитивно за секоја одлука или чекор на Власта а негативно за секој критички глас на опозицијата, невладиниот сектор па и индивидуални експерти.