Претходно денеска на телефонски поставени новинарски прашања за конфликт на интерес за тендерите на компанијата на неговата сопруга и одлуките на Советот на Општина Охрид, каде што тој е советник, Нефи Усеини на новинарката Емилија Мисирлиевски ѝ возврати со пцости и навреди
Ова следува откако на советникот од ДУИ во Општина Охрид и познат бизнисмен, Нефи Усеини и неговиот брат Ибро добија ослободителна пресуда за насилството врз нивниот сограѓанин Спиро Топаловски, што се случи пред две години пред еден охридски хотел
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ги осудуваат навредите и пцостите на советникот во општина Охрид, Нефи Усеини кој денеска ги упати кон новинарката, дописничка за ТВ Телма од Охрид, Емилија Мисирлиевски.
Претходно денеска на телефонски поставени новинарски прашања за конфликт на интерес за тендерите на компанијата на неговата сопруга и одлуките на Советот на Општина Охрид, каде што тој е советник, Усеини на новинарката Мисирлиевски ѝ возврати со пцости и навреди.
„ЗНМ и ССНМ алармираат дека ваков однос од советниците во локалната власт, кои се избрани и платени од страна на граѓаните, кон новинарите и медиумските работници е недозволив. Потсетуваме дека избраните функционери, како што впрочем се и советниците, имаат обврска за професионален однос кон новинарите и медиумските работници и да даваат отчет за својата работа“,
стои во реакцијата од ЗНМ и ССНМ.
Оттаму додаваат оти лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос е и директна закана за безбедноста на новинарите и целата професија, што може да води кон самоцензура.
Од ЗНМ и ССНМ во реакцијата додаваат дека ваквиот однос е и удар на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес.
„Апелираме во иднина, претставниците на политичките партии во општините, советниците, сериозно да поработат на односот со новинарите бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите. Новинарските здруженија не само што нема да прифатат извинување, туку очекуваме и надлежните институциите да постапат по овој случај“,
додаваат во реакцијата.
Советникот од ДУИ во Општина Охрид и познат бизнисмен, Нефи Усеини и неговиот брат Ибро добија ослободителна пресуда за насилството врз нивниот сограѓанин Спиро Топаловски, што се случи пред две години пред еден охридски хотел.
Судијката Билјана Белевска-Пројковска, во пресудата наведува дека е неспорно оти двајцата браќа го нападнале Топаловски и му нанеле повреди, што е потврдено и со лекарски прегледи и со снимки од видео надзорот, сепак, поради контрадикторните изјави на Топаловски, судот не утврдил дека тој е оштетен.
Во пресудата е опишан целиот настан што се случи во август 2020 година кога по претходен договор Нефи Усеини се сретнал пред хотелот со Спиро Топаловски. Потоа дошол и неговиот брат Ибро, по што физички го нападнале и го удирале со боксови и како што се наведува во пресудата, со предмет во облик на пиштол.
По овој инцидент на браќата им беше одреден притвор од осум дена, а потоа беа пуштени да се бранат од слобода со гаранција од 850 илјади евра.