Здружението на новинарите на Македонија апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кои се заболени со коронавирус или за кои постои сомнеж дека се носители на вирусот.
„Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела без разлика дали истите се присутни на традиционалните медиуми или пак на социјалните мрежи“,
велат од ЗНМ.
Со загриженост ја примија и веста дека уредникот на националната телевизија „Канал 5“, Гоце Михајлоски, е позитивен на коронавирусот и му посакуваат што побрзо да закрепне и да се врати на работното место.
*Поврзана вест: Четворица вработени во Канал 5 во самоизолација
„Освен ова, повторно укажуваме дека голем дел од новинарите и медиумските работници, поради природата на нивната работа се повеќе изложени на контакти со луѓе а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот. Затоа од апсолутна важност за нивната лична безбедност, безбедноста на лицата со кои се во контакт новинарите и медиумските работници да имаат обезбедено услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза. Во време кога квалитетното новинарство може да спаси животи, од исклучително значење е да имаме точни и навремени информации“,
велат од ЗНМ.
Укажуваат дека медиумските работници потребно е да бидат максимално заштитени во своите редакции, но и кога известуваат од терен.