Ако се знаело уште пред две години дека во овој период мора да профункционира нов систем на издавање на личните документи, тогаш се поставува прашањето – кој затаил во случајов, вели Зибери
За пропустот со издавањето лични документи нема оправдување, вели народниот правобранител, Насер Зибери, во интервју за МИА, коментирајќи го предметот што го отвори оваа институција за застојот со издавањето лични документи и регистарски таблички.
Според Зибери, објаснувањето од Министерството за внатрешни работи дека застојот настанал бидејќи се менувал системот за вадење лични документи, не „држи вода“ и се поставува прашањето кој затаил во случајов.
„Како народен правобранител несфатливо ми е како може целокупниот систем да не може навремено да одговори на потребите на граѓаните, кои сега се доведени во ситуација да не можат да патуваат, да ги користат своите возила, па дури да им биде загрозена егзистенцијата, бидејќи од банките не можат да си ги подигнат платите, пензиите и другите парични примања. За овој пропуст нема оправдување (како што стои во одговорот на Министерството за внатрешни работи) дека согласно уставните амандмани донесени пред две години имало потреба да се менува системот. Ако е тоа вистинскиот проблем, тогаш се поставува прашањето: кој затаил во случајов, ако се знаело уште пред две години дека во овој период мора да профункционира нов систем на издавање на личните документи? На почетокот на ова интервју зборувавме за одговорноста, чие понесување го сметам како доблесен, а не како чин на пораз“,
вели Зибери за МИА.
