Според нивните изјави најверојатно се повикани бидејќи не го пријавиле протестот и блокадата која трае веќе два дена
Неколку жители од селото Средно Коњари вечерва се повикани во полициската станица во Автокоманда да дадат исказ поради протестите кои ги организираа изминатите два дена, со блокирање на автопатот Миладиновци – Штип, на приклучокот кај село Средно Коњари.

Како што изјави Азем Керими секретар на месната заедница за ТВ 21, тие неколкумина биле повикани од полицијата бидејќи протестот не го најавиле.
„Денеска бевме на протест, два часа го блокиравме автопатот. Дојде полиција и сите што сме тука вечерва по име и презиме не повикаа. И дојдовме да видиме зошто не викаат“,
вели Керими, кој изјавата за ТВ 21 ја даде додека заедно со десетина соселани чекаа пред полициската станица.
Жителите бараат итно да се стопира ископот на песок и чакал во Средно Коњари кое им го уништува плодното земјиште, а за концесионерот велат дека ископува песок и чакал, како да добил поттик од институциите, а не ревизија на неговото работење.
Концесијата ја има фирмата „Еуро прогрес“, чиј управител Ќазим Османовиќ по секое обвинување на жителите тврдеше дека во денешно време ниту дете не може да поткупите да молчи ако се работи незаконски и најави дека ќе бара институционална заштита од соселаните.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) завчера соопшти дека ангажирал овластена геодетска фирма и, по неколку неуспешни обиди изминатиот месец, конечно направиле теренски мерења на локацијата во скопско Средно Коњари, каде што со години се врши ископ на песок и чакал. Проверките доаѓаат откако Инспекторатот доби првични податоци од Управата за хидрометеоролошки работи дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња. Инспекторатот најавува дека ќе се прави нов елаборат.