Сведочат дека добивале закани од полицијата оти ќе бидат притворени ако не си заминат од блокадите. Сепак, децидни се оти нема да ги повлечат автомобилите, зашто за случајот се води судска постапка, во која тие бараат стопирање на ископот
Жителите на прилепското село Ореовец денеска со своите автомобили го блокираа регионалниот пат што води кон нивното и селото Крстец, пренесува ТВ Сител. Велат дека машинеријата на „Бехтел и Енка“ повторно се обидува да влезе во рудникот со цел да ископува суровини за изградба на автопатот од Коридорот 10-д, што треба да ги поврзува Прилеп и Битола.
Сведочат дека добивале закани од полицијата оти ќе бидат притворени ако не си заминат од блокадите. Сепак, децидни се оти нема да ги повлечат автомобилите, зашто за случајот се води судска постапка, во која тие бараат стопирање на ископот.
Жарко Стеваноски, адвокат и жител на селото вели дека преку командирот се известени оти има наредба да се отстранат нивните возила и да се приведат присустните.
„Ни рекоа дека тоа ќе го сторат по секоја цена. Во моментот постапката е на одлучување за времена мерка пред Апелациониот суд во Битола. Затоа, овие обиди се незаконски, особено ако се знае дека јавното претпријатие е странка во постапката. Најмалку што можеше е директорот на претпријатието да го сочека исходот на постапката за изрекување на привремена мерка, па потоа да презема вакви режимски мерки“,
вели Стеваноски.
Жителите сметаат дека ако се почне со активно минирање на теренот и копање камен, селото, кое се наоѓа само на неколку стотина метри од рудникот, комплетно ќе се уништи. Со тоа, според нив, се доведуваат во опасност и изворите за вода на Градот Прилеп.
Врз основа на вештачења обезбедени во судската постапка велат дека е утврдено оти ископот е штетен по здравјето, по водоснабдувањето и по статиката на објектите во селото.
„Ако некој решил да брише цели села од мапата на оваа држава, слободно нека повели. Но, ова е начинот со кој ние се спротивставуваме. И понатаму ќе продолжиме да го блокираме патот со возилата. Ако ги кренат нашите и ако можат да ги кренат сите возила од град Прилеп, нека продолжат со овие активности“,
рече жителот на селото.
Од официјалните институции, како што пренесува ТВ Сител, сè уште нема информации за случајот.
Ова не е првпат жителите на селото Ореовец да протестираат.
„360 степени“ во јуни известуваше кога жителите на ова село две недели не дозволуваа камиони на „Бехтел и Енка“ да пристапат до ископ за суровини кој се наоѓа на близок рид. Причината е што распукале ѕидовите на 20-ина куќи и локалната црква по првото минирање.
Тогаш од Јавното претпријатие за државни патишта рекоа дека нивна работа е да се грижат за националните интереси, а тоа е изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Но дека, сепак, оставаат простор за компромис.