Од Обвинителството велат дека со цел да се пофали дека поседува огнено оружје, осомничениот најпрво во февруари на телефонскиот број кој во тој временски период го користело детето, испратил видео клип на кој се гледа како пука со автоматска пушка додека бил на некоја свадба

Триесет и пет годишен жител на скопското село Кондово е осомничен дека во перидот од февруари до 7 овој месец преку апликацијата „Ватсап“ неколкупати сериозно се заканувал на дете дека ќе го убие него и неговиот татко, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Од Обвинителството велат дека осомничениот во неговиот дом во Кондово неовластено држел огнено оружје – полуавтоматски пиштол „црвена застава мод.70“ калибар 7,65 милиметри, со две рамки и 24 куршуми муниција.
„Со цел да се пофали дека поседува огнено оружје, осомничениот најпрво во февруари на телефонскиот број кој во тој временски период го користело детето, испратил видео клип на кој се гледа како пука со автоматска пушка додека бил на некоја свадба. Детето тоа видео го зачувало на телефонот“,
се вели во описот на случајот од Обвинителството.
Потоа, додаваат од Обвинителството, на 07.04.2025 година, кога детето веќе користело друг телефонски број, осомничениот, преку апликацијата му се јавил и му упатил сериозни закани дека ќе го убие него и неговиот татко, доколку ја објави снимката со автоматската пушка.
„По неколку часа повторно му се јавил на детето и на висок тон продолжил со заканите, предизвикувајќи чувство на несигурност и страв кај него“,
велат од ОЈО.
Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против лицето за кривични дела – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи и загрозување на сигурноста
Поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.