Безусловната препорака само ни дава поттик дека штом се отворат преговорите со Европската Унија, Северна Македонија многу брзо ќе стане полноправна членка, смета заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Тој денеска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за предизвиците на државата во пресрет на првата видеоконференција на министрите за надворешни работи на земјите од Унијата (ГАК) во услови на изолација поради болеста ковид-19.
„Мора да почекаме да заврши целата процедура. Денеска ќе се изјаснат министрите за надворешни, но после 11 препораки најблиску сме да го добиеме датумот. Денеска треба да почекаме да се усогласи текстот. Прашање на денови е кога ќе бидеме членка и на НАТО. Денеска сепак оваа конференција има неформален карактер, но ова е потврда и валоризација на она што е направено. Нашето CV е толку силно што не можеше да се одбегне. Очекувам ЕК да ја направи рамката за отпочнување на преговори и да почнеме да работиме на поглавјата кои ќе се отворат“,
изјави Жерновски.
Според него, треба да се напомене дека Северна Македонија добива безусловна препорака, а како што вели Жерновски, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, иако не беше услов, и тоа го зацврсти македонското портфолио.
„Франција рече дека ќе почека да биде готов извештајот. Холандија цело време зборуваше за Законот за јавно обвинителство, но покажавме зрелост и подготвеност дека ги практикуваме европските вредности. Не се жалевме, не баравме виновник, укажавме дека грешка е направена, но рековме дека ги разбираме дилемите, дека самите знаеме дека процедурата треба да даде поопипливи резултати и дека мора да се однесуваме како земја членка и ова е на крај наградено. Најголемата поддршка ја добиваме бидејќи домашната работа е одлично завршена. Кога ќе дојде меѓувладината конференција, само ќе покажеме бргу дека ние за цело ова време работевме, не губевме време“,
напомена заменик-министерот.
Жерновски е дециден дека македонското законодавство е над 50 отсто усогласено со европското.
„Ќе видиме како ќе се работи по различни области, но ние имаме поминато сериозен дел од усогласувањето со европското законодавство. Ние веќе ќе ги стигнеме дури и претркаме соседите. Тоа беше јасна порака од Брисел. Ние не губевме време. Се однесуваме европски и тврдам дека во овој момент се однесуваме поевропски дури и од некои земји-членки“,
потенцираше тој.