Жените знаат да управуваат со времето и приоритетите, а на лидерски позиции носат подобри резултати во организациите и институциите. Тие во иднина ќе бидат повеќе присутни на масата каде што се носат одлуките за подобрување на заедницата, за градење на инклузивно и поправедно општество за сите и важно е да го искористат својот глас за да направат позитивни промени во државата. Ова се едни од пораките на третиот модул од Програмата „Future is Feminist“ што викендов се одржува во Охрид
Од „Future is Feminist“ велат дека според нивната визија, жените и девојките треба да бидат охрабрени да го заземат своето место во креирањето јавни политики, носењето на клучните одлуки за напредок и да се стремат кон развој на своите кариери во бизнис-секторот или во политиката. Третиот модул од Програмата насловен „Управување со време и приоритети“, кој се одржува викендов во Охрид, го отворија консултантката за менаџирање со луѓе и експертка за кариерен развој Ивана Дојчиновска-Стојановиќ, пратеничката во македонското Собрание, Санела Шкријељ, и директорката на СИГА, Мила Царовска.
Низ интерактивни предавања, учесничките учат како да управуваат со времето и приоритетите, да ја дефинираат личната мисија, да делегираат задачи и донесат одлука, но и како да постигнат тимски резултати преку моќта на планирањето. Дојчиновска-Стојановиќ рече дека програмата „Future is Feminist“ пружа вистинска и директна поддршка за зајакнување и охрабрување на младите жени во заземање активна улога во градењето заедници кои пружаат вистинска еднаквост и безбедност за сите, додека, пак, пратеничката Санела Шкријељ кажа дека најважната работа кај делегирањето задачи е довербата, а крајната цел е да се научи како да се управува со важни задачи пред тие да станат итни.
Досега, учество во модулите зедоа поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, консултант, новинар и бестселер автор на „Њујорк тајмс“, со седиште во Вашингтон, Патрик Џефсон, поранешната претседателска советничка, единствена жена што работела за двајца американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш Постариот, за двајца премиери на Обединетото Кралство, Тереза Меј и Дејвид Камерон, како и за Кралицата Елизабета – глобалната експертка за репутација, кризи и бренд-менаџмент, Мери Џо Џејкоби, експертката за комуникација и медиа од Албанија, Едлира Џони, извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска, редовната професорка за бизнис и менаџмент на Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ, и управниот директор на првиот акцелератор за социјално претприемништво и импакт бизниси во Северна Македонија, Кристијан Милевски.