Додека медиумите и аналитичарите се фокусирани на поделбата на мандатите според партиската и етничката припадност, засега незабележано поминува статистиката дека на овие избори жените освоија повеќе пратенички мандати од претходните. Сепак, рамоправноста е далеку
Доколку нема значителни промени на првичните и неофицијални резултати кои ги соопшти Државната изборна комисија, во новиот Парламент мандат освоија повеќе жени отколку по изборите во 2016 година.
Како што покажува графиконот подолу, во 2016 година веднаш по изборите во пратеничките клупи седнале 38 жени. Сега, се очекува да седнат 43 или пет повеќе од пред четири години.

За оние што не го познаваат изборниот модел во земјата, при парламентарни избори во Македонија се гласа за листи а не поединечно за кандидати. Така, бројот на жени кои ќе влезат во парламентот зависи од тоа како партиските лидери ги распределиле „добитните“ места од секоја листа.
Далеку е еднаквоста
И покрај напредокот, доколу се спореди бројот на пратеници и пратенички, рамноправноста во законодавниот дом се чини далечна. Во апсолутни бројки, во 2016 година на освоените 38 мандати од жени имало 82 мандати кои ги освоиле мажи. Во 2020 година разликата е намалена, но се уште е голема – 43 спрема 77 во полза на мажите.

Во проценти, во 2016 година жените освоиле 31,7% од вкупниот број на мандати, додека на мажите им припаднале 68,3%. На овие избори разликата е значително намалена и сега жените имаат 35,8% од мандатите наспроти 64,2% на мажите. Доколку растот продолжи линеарно, ќе бидат потребни барем уште четири циклуси на парламентарни избори за жените да достигнат 50% или повеќе.

ИЕ 1 и ИЕ 6 се „машки“ Изборни единици
Доколку мандатите според пол се разложат по изборни единици, лесно се доаѓа до заклучокот дека постојат значителни разлики колку жени се бираат, односно колку жени се ставаат на добитни места на листитите по изборни единици.
Така, далеку најнерамноправни се Изборната единица 1 (Аеродром, Сарај, Карпош, Чаир (дел), Кисела Вода, Центар, Сопиште, Студеничани, Зелениково и Македонски Брод) и Изборната единица 6 (Тетово, Гостивар, Теарце, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Кичево-дел). Во овие две Изборни единици, на овие избори, мандат добиле само по 6 шест жени наспроти 14 мажи. Состојбата е подобра во ИЕ 2 (дел од Скопје и кумановско) каде се избрани 7 жени, додека во останатите три Изборни единици се избрани по 8 жени наспроти 12 мажи.

СДСМ и коалицијата најблиску до родова рамноправност
Како што се големи разликите по Избoрни единици, такви се и меѓу партиите според тоа колку жени ставиле на високи позиции на нивните листи.
Во тој поглед, најблиску до машко-женска рамноправност е СДСМ и коалицијата. На овие избори, од вкупниот број на мандати, 41,3% им припаднале на жени додека 58,7% им припаѓаат на мажи. ВМРО-ДПМНЕ имаат помал процент на пратенички, но не се многу далеку. Според првичните и неофицијални резултати нивната коалиција има 38,6% жени наспроти 61,4% мажи во парламентот. Далеку полоши се другите две партии/коалиции кои освоија значителен број на пратеници. Од 15 мандати на ДУИ само 26,7% одат кај жени а дури 73,3% кај мажи. Кај Алијанса за Албанците/Алтернатива учеството на жените во новиот парламент е уште пониско – 25% жени спрема 75% мажи. ДПА и Левица немаат ниту една жена, но мора да се земе во предвид дека овие партии освоија еден односно два мандати, па и не може да се носат заклучоци.

Но, дури партиите каде жените не котираат високо покажале напредок на овие избори. За споредба, на изборите во 2016 година, бројот на мандати на СДСМ кои отишле кај жени е 36,7% што е речиси 5% помалку од овие избори. Помалку жени имале и ВМРО-ДПМНЕ (33,3%), ДУИ (20%), БЕСА (20%).
