Јанчев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека вакви инциденти не треба да се случуваат, но додаде дека инцидентот избил оти, како што кажа, „нашиот левичарски нарав е таков, насилство не трпиме“
Со реакција се јави Жаклина Пешевска, пратеничка и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која бара јавно извинување од колегите од Левица

По вчерашниот инцидент во Собранието, во кој беа упатени пцости и навреди и за малку беше избегната физичка пресметка помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, реакциите не стивнуваат и денеска.
„Жал ми е за вчерашниот инцидент, беше спомената сестра, а за сестра се умира“,
вели пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
На денешната прес-конференција во Собранието Јанчев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека вакви инциденти не треба да се случуваат, но додаде дека инцидентот избил оти, како што кажа, „нашиот левичарски нарав е таков, насилство не трпиме“.
Прашан дали таквото однесување е дозволено од страна на пратеник, Јанчев вели дека многу работи не доликуваат и неколкупати повтори дека како пратеници нема да се плашат и нема да премолчуваат.
„Жал ми е за вакви инциденти, не сакам да се случуваат, треба да се држи нивото, но не се плашиме и никогаш нема да премолчиме на вакви реакции, навреди и провокации. Не доликуваат многу работи, но ние ќе се браниме во секој случај. Нема да дозволиме да бидеме нападнати. Не се плашиме, не се плашевме кога бевме двајца, не се плашевме во времето на (Сашо) Мијалков, сега па воопшто не се плашиме“,
рече Јанчев.
За тоа дали и тој би постапил на истиот начин како претседателот на неговата партија, Димитар Апасиев, рече дека не знае и дека одговор би имал кога ќе се случи.
Денеска со реакција се јави Жаклина Пешевска, пратеничка и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ која бара јавно извинување од колегите од Левица.
„На недоличните зборови упатени кон жени, сестри, мајки не им е местото во Собрание. Некултурно и девијантно однесување не смее да се толерира на ниедно место, а најмалку во законодавниот дом. Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка. Колеги од Левица, и вие сте нечии синови, сопрузи, татковци, момчиња. Внимавајте што ви излегува од уста!“,
вели Пешевска.

По вчерашниот инцидент, веднаш беа изнесени различни видувања за тоа што се случило во собраниската сала.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на прес-конференција обвини дека пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ на седницата упатил пцости кон претседателот на неговата партија Димитар Апасиев.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во објава на Фејсбук го оцени како недолично, безобразно и срамно однесувањето во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.
Инцидентот настана кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
По Исмаил, од собраниската говорница со процедурална забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратениците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните пратенички прашања.
Следуваа процедурални излагања на координаторот на Левица, Борислав Крмов, и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кои ги толкуваа одредбите од Деловникот во врска со новиот тип седници за пратенички прашања.
Ситуацијата ескалира кога пратеникот Апасиев од место почна да дофрла, да упатува пцости и да замавнува кон пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Со повишен тон кон нив извикуваше да не го споменуваат неговото семејство.
