Терминот за избор на најмногу тројца заменици на Џафери е неизвесен, со оглед на тоа што мнозинството моментно кубури со гласови поради ситуацијата со ковид-19
Фадил Зендели и Горан Мисовски од владејачките Беса и НСДП, според информации од Собранието, се најсериозни кандидати за потпретседатели на парламентот – позиции кои се празни подолго од два месеца, поради несогласувања меѓу пратеничките групи за бројката на заменици на спикерот Талат Џафери.
Собранието попладнево ја изгласа Одлуката за утврдување на бројот на потпретседателски места, со која и за овој состав е предвидено дека може да има пет потпретседатели, како што беше и во претходниот состав. Сепак, како и тогаш, и овој пат, најверојатно, нема да се оди на пополнување на сите пет позиции, туку Џафери ќе има најмногу тројца заменици. „За“ одлуката гласаа 60 пратеници, а 22 беа „против“.
Отсега, според најавите, пратениците од мнозинството ќе собираат по 20 потписи за можните кандидати Зендели и Мисовски и евентуално за уште еден кандидат од владејачкото мнозинство, со оглед на тоа што опозицијата засега не сака да учествува со свои кандидати.
Иако постои можност кандидирањето да оди преку Комисијата за избори и именувања, мнозинството веројатно ќе ги собира и потребните потписи за да се осигураат номинациите.
Сепак, неизвесно е кога ќе биде седницата за избор на новите потпретседатели, со оглед на тоа што парламентарното мнозинство моментно кубури со гласови поради тоа што двајца, од вкупно 62 владејачки пратеници, се заразени со ковид-19. За избор на потпретседатели се потребни по 61 глас.
Поради проблемите со кворумот, се создава и неизвесност околу донесувањето на ребалансот на буџетот, за кој утре почнува расправата во матичната Комисија за финансирање и буџет, а почетокот на пленарната седница би бил околу 25 овој месец.
Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, пред извесно време рече дека неговата партија ќе се откаже од потпретседателско место во парламентот ако тоа го направи и ВМРО-ДПМНЕ, која критикува дека нема економска оправданост од пет потпретседателски места.
Мисовски од НСДП беше потпретседател на парламентот и во претходниот собраниски состав, и беше единствен од тројцата потпретседатели кој го заменуваше Џафери во водење на пленарните седници.
Беса, пак, сега првпат ќе има потпретседател во законодавниот дом, иако Зендели беше пратеник и во претходниот состав, кога оваа партија беше во опозиција.