Утрово, според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, во Хрватска се регистрирани два земјотреса кои се почувствувани во Осиек и во Задар, како и на границата со Унгарија
Земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтеровата скала го погоди местото Бели Манастир во Хрватска, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Епицентарот на земјотресот бил на седум километри источно од Бели Манастир и 51 километар југоисточно од Печ во Унгарија. Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, а е почувствуван и во Осиек на 21 километар од епицентарот и вдолж границата со Унгарија.
Засега нема информации за евентуална штета или повредени.
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар, утрово во 7:24 часот земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала ја потресол и областа Задар. Епицентарот бил на десет километри од градот Придрага, кој се наоѓа на околу 30 километри од Задар.
Набргу по земјотресот се јавиле граѓани кои го почувствувале.
„Креветот се тресеше, снема струја“, е еден од коментарите на жителите кои го почувствувале земјотресот. Луѓето јавуваат дека силно се почувствувал на подрачјето на Обровац и Карин Горњи, Стариград Пакленица, Бенковац.