Сите земји членки на Европската Унија во исто време ќе имаат пристап до вакцината против ковид-19. Како што најави претседателката на Европска комисија Урсула фон дер Лајен, вакцината ќе се распределува во согласност со бројот на жители.
Таа по видеоконференцијата на лидерите на ЕУ кои вонредно разговараа за соработката и одговорот на вториот бран на новиот коронавирус, оцени дека ситуацијата во Европа е многу сериозна поради зголемениот број на новозаболени, хоспитализирани и смртни случаи.
„Ако не реагираме итно и кохерентно, здравствениот систем ќе биде преплавен од бранот на пандемијата“,
предупреди Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК ги повика сите земји членки на ЕУ да споделуваат точни и навремени информации за националните епидемиолошки ситуации со Европскиот центар за превенција и контрола на заразните болести, а сите Европејци да преземат мобилни апликации за следење на контактите со цел да се запре ширењето на новиот коронавирус.
„Разбирам дека сите се уморни и загрижени, но сега е време за трпение и дисциплина. Најважно е да се усвојат одбранбените здравствени навики како што е носење маски, дистанца избегнување метежи. Само така заедно ќе го победиме вирусот“,
посочи Фон дер Лајен.