Во базата на податоци на веб-страницата на Министерството се наведува дека Зеленски се бара според член од Кривичниот законик, без да се наведат дополнителни детали
Русија го стави украинскиот претседател Володимир Зеленски на листата на барани лица, пренесува Асошиејтед прес повикувајќи се на руските државни медиуми кои ги пренесуваат информациите од базата на податоци на Министерството за внатрешни работи.
Во базата на податоци на веб-страницата на Министерството се наведува дека Зеленски се бара според член од Кривичниот законик, без да се наведат дополнителни детали.
Украинското Министерство за надворешни работи преку соопштение вели дека руските извештаи за наводното додавање на украинскиот претседател Володимир Зеленски на листата на барани лица на руското Министерство за внатрешни работи „го демонстрираат очајот на руската државна машина и пропаганда, кои се во загуба. Русите не знаат што друго да измислат за да привлечат внимание“.
„Би сакале да ги потсетиме сите дека, за разлика од безвредните руски најави, налогот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на рускиот диктатор Владимир Путин под обвинение за воени злосторства е реален и спроведлив во 123 земји“,
се додава во соопштението од украинското Министерство за надворешни работи.
Министерството за внатрешни работи на Русија на листата на барани лица го ставило и поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, кој бил на функцијата од 2014 до 2019 година. Медиумите пренесуваат дека кривичното дело поради кое се трага по него не е соопштено.