Тој истакна дека Русија нема да може да ги врати овие загуби и им изрази благодарност на сите украински борци за постепената и неповратна демилитаризација на непријателот“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека украинските сили собориле речиси 250 руски хеликоптери од почетокот на војната, јавуваат агенциите.

Зеленски ова го соопшти во своето редовно ноќно обраќање до нацијата.
„Вкупниот број на соборени руски хеликоптери веќе се приближува до 250. Руските окупатори веќе изгубија исто толку опрема , авиони и други воени средства, колку што повеќето од светските армии едноставно немаат и никогаш нема да имаат во служба“,
изјави украинскиот претседател.
Тој истакна дека Русија нема да може да ги врати овие загуби и им изрази благодарност на сите украински борци за постепената и неповратна демилитаризација на непријателот.
Инаку, регионалните власти на Киев и локалните медиуми утрово соопштија дека главниот град на Украина ноќеска повторно бил на удар на руските сили.
Градската управа на Киев ноќеска околу полноќ издала предупредувања за воздушен напад во кои ги повикала жителите да бараат засолниште.
Според извештаите, руските сили, наводно, го погодиле и југоисточниот украински град Запорожје во, како што се тврди, уште еден напад во текот на ноќта.
Вршителот на должноста градоначалник на Запорожје, Анатолиј Куртев, изјави дека руските сили го погодиле градот како и неговата околина, предизвикувајќи пожар.
На 10 октомври руската војска почна со жестоки ракетни напади на повеќе региони во Украина, меѓу кои и врз главниот град на земјата, Киев, а според тврдењата на украинските власти главна цел на нападите е енергетската инфраструктура на Украина.