Украина предложи примирје што би започнало на 6 мај, како одговор на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот од 8 до 9 мај, период кога Москва ја одбележува победата во Втората светска војна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија сè уште го игнорира предлогот на Киев за прекин на огнот и предупреди дека Украина ќе продолжи со нападите со долг дострел доколку руските сили продолжат со нападите.

Зеленски предложи примирје што би започнало на 6 мај, како одговор на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот од 8 до 9 мај, период кога Москва ја одбележува победата во Втората светска војна.
Москва засега не потврди дали ќе го прифати украинскиот предлог.
„Треба да воспоставиме мир, а не да одиме по светските престолнини и да молиме за пауза на 9 мај. Ни треба мир“,
рече Зеленски.
Посочи дека од почетокот на денот руските сили извршуваат напади врз Украина со беспилотни летала, ракети и гранати, како и напади со краток дострел вдолж линијата на фронтот.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија ги предупредила дипломатските мисии да го напуштат Киев во случај на можен масовен напад како одговор на украинските обиди да го попречат одбележувањето на Денот на победата.
Од Европска Унија оценија дека ваквите закани претставуваат неодговорни тактики на ескалација од страна на Москва.
Портпаролот на службата за надворешна политика на ЕУ, Анвар Ел-Ануни, изјави дека Унијата нема да го промени своето присуство во Киев и покрај руските предупредувања.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека нивните единици вчера до 18 часот по локално време собориле 92 од вкупно 102 лансирани беспилотни летала.
Од друга страна, руските власти денеска информираа дека нивната воздушна одбрана уништила 32 беспилотни летала кои се движеле кон Москва.
