„Ако претседателот Доналд Трамп е подготвен да ја види Украина во НАТО, ние ќе бидеме во НАТО, сите ќе бидат за тоа. Но, ако претседателот Трамп не е подготвен да нè види во НАТО, ние нема да бидеме во НАТО“, вели украинскиот претседател
Ветувањата на Западот дека еден ден ќе ја прифати Украина во НАТО беа лага, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски од Давос, Швајцарија, каде што учествува на Светскиот економски форум.
Според него, САД и Германија одржувале контакти со Русија во текот на целата војна, со што се докажала нивната невизионерска политика.
„Некои земји немаа транспарентна политика и не го поддржаа нашето членство во НАТО. Лажни беа нивните веетувања дека Украина ќе биде во НАТО. Позицијата на Германија и САД беше слаба зашто имаа дијалог со Русите, кој верувам дека го изгубија“,
рече тој.
Зеленски ја нарече оваа ситуација неправедна кон Украина и Украинците, а оцени и дека некоректно се однесувале и некои украински лидери кои на граѓаните им ветиле членство во НАТО.
Тој потсети дека повеќето земји од НАТО ја поддржуваат желбата на Украина да се приклучи на Алијансата, но дека само четири земји се против тоа, како САД, Германија, Унгарија и Словачка.
„Ако претседателот Доналд Трамп е подготвен да ја види Украина во НАТО, ние ќе бидеме во НАТО, сите ќе бидат за тоа. Но, ако претседателот Трамп не е подготвен да нè види во НАТО, ние нема да бидеме во НАТО“,
кажа Зеленски.
Оцени дека европските сојузници на Украина немаат доволно војници за да станат вистинска пречка за Путин, а „секое друго решение ризикува да предизвика раскол во НАТО-алијансата“.
Според него, преговорите со Русија не можат да се одвиваат без учество на Украина.
Ветувањата на Трамп дека ќе воведе дополнителни санкции кон Русија ги оцени како можност да се демонстрира американската сила.
„Крајот на војната треба да биде победа за Трамп, а не за Путин“,
вели тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се воведат дополнителни санкции кон Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не прифати мировни преговори за ставање крај на војната во Украина.