Не е јасно дали со ваквата изјава тој мисли на конкретен службеник или на коментар од некој друг, но ова во дел од медиумите се толкува како обид тој да го промени впечатокот дека летната контраофанзива на Украина донесе послаби резултати од очекуваното
Украинската контраофанзива напредува откако Киев постигна одреден напредок во обидот за враќање на територијата заземена од Русија, изјави денеска претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Украинските сили напредуваат. Без разлика што ќе каже некој, ние напредуваме и тоа е најважно. Ние сме во движење“,
објави Зеленски на социјалните мрежи.
Не е јасно дали со ваквата изјава тој мисли на конкретен службеник или на коментар од некој друг, но ова во дел од медиумите се толкува како обид тој да го промени впечатокот дека летната контраофанзива на Украина донесе послаби резултати од очекуваното.
Контраофанзивата Украина формално ја започна кон средината на јуни годинава и во неа украинските сили наидоа на добро поставена одбрана од страна на руските сили. И покрај бавниот напредок, кон средината на јули официјален Киев рече дека не чувствува притисок за брзи резултати. Потоа до крајот на истиот месец следуваше ангажирање на повеќе војници на југоистокот на земјата што беше протолкувано дека Украина ги идентификувала потенцијалните слабости во руските редови.
Си-ен-ен пренесува дека се чини оти ваквиот потег дава резултати бидејќи во последните денови украинската војска забележа победи во југоисточниот регион Запорожје.
Денеска, војската соопшти дека ги консолидира своите позиции и изведува контранапад во близина на Роботин – стратегиски лоцирано село во Запорожје кое украинските сили го заземаа минатата недела. Ваквиот напред се смета за знак дека Киев се приближува до распространетите сили на Русија вдолж јужниот фронт.