„Фактот дека го убил Пригожин – барем тоа се информациите што сите ги имаме – исто така зборува за неговата рационалност и за фактот дека е слаб“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на денешната прес-конференција во Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека рускиот претседател Владимир Путин стои зад смртта на водачот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој неодамна загина во авионска несреќа.

Зеленски го даде коментарот за време на прес-конференција во Киев кога му беше поставено прашање во врска со рускиот претседател, но не приложи докази со кои ќе го поткрепи своето тврдење.
„Фактот дека го убил Пригожин – барем тоа се информациите што сите ги имаме – исто така зборува за неговата рационалност и за фактот дека е слаб“,
рече Зеленски, пренесе Ројтерс.
Шефот на „Вагнер“ загина во авионска несреќа во близина на Москва заедно со уште девет лица. Несреќата се случи на 23 август – два месеца откако Пригожин го предводеше бунтот на „Вагнер“ против руските вооружени сили – потег кој рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „предавство“.
Кремљ демантираше дека е виновен за авионската несреќа и соопшти дека ќе бидат испитани сите околности околу уривањето на авионот во кој се наоѓаа водачот и останати членови на „Вагнер“.
Рускиот претседател Владимир Путин во видеообраќање до јавноста, еден ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите, а шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но, и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.