Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека е шокиран поради тоа што Израел не сака да го снабди Киев со својот противракетен систем за одбрана.
„Не знам што се случи со Израел. Искрено сум шокиран, бидејќи не разбирам зошто не можеа да ни го дадат својата противвоздушен систем“,
изјави украинскиот претседател во разговор со француски новинари.
Неговиот кабинет објави снимка од разговорот во саботата.
Изјавата на Зеленски е посилна и подиректна од онаа во март кога го критикуваше Израел дека не испраќа оружје. Израел ја осуди руската инвазија, но не сака целосно да ги загрози односите со Москва, која е важен играч во соседна Сирија каде што израелските сили често се судираат со проиранските паравојски.
„Разбирам дека тие се во тешка ситуација, имајќи ја предвид ситуацијата со Сирија и Русија“,
рече Зеленски и додаде дека никого не осудува.
„Ги кажувам фактите. Моите разговори со израелското раководство воопшто не и помогнаа на Украина“, рече украинскиот претседател.
Во своето синоќешно обраќање Зеленски порача дека нема да дозволат окупаторите да останат неказнети. Ќе ја ослободиме целата земја – од Херсон до Луганск, од Крим до Доњецк и секој убиец ќе одговара за се што и направија на Украина, рече Зеленски, како одговор на референдумите што се одвиваат во четири региони за припојување кон Русија.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера од седиштето на ОН во Њујорк ги бранеше „референдумите“ на украинските територии окупирани од Русија, велејќи дека локалните жители си ја враќаат „земјата каде што нивните предци живееле стотици години“.
Тој го обвини Западот за „русофобија без преседан“.
„Официјалната русофобија на Запад е без преседан, а нејзините размери гротескни“, рече Лавров. Според него, западните сили „не се двоумат да ја објават својата намера не само да и нанесат воен пораз на (Русија), туку и да ја уништат“.