Путин кон крајот на јануари изјави дека е отворен за преговори за крај на војната во Украина, но отфрли директни разговори со Зеленски бидејќи не гледа волја кај Киев
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изрази подготвеност за директни преговори со рускиот претседател Владимир Путин и другите сили за ставање крај на тригодишната војна.
Зеленски на прашање на британскиот водител Пирс Морган за можноста за преговори со Путин, одговори дека тоа би го направил ако е единствената опција која може да им донесе мир на граѓаните на Украина.
„Во тој случај, ќе прифатиме состанок на четири учесници“,
наведе Зеленски во интервјуто објавено на јутјуб-каналот на „Пирс Морган нецензурирано“ (Piers Morgan Uncensored).
Зеленски не прецизира кои би биле другите учесници на средбата, но Морган ја спомна можноста за преговори помеѓу Украина, Русија, САД и Европска Унија.
Путин кон крајот на јануари изјави дека е отворен за преговори за крај на војната во Украина, но отфрли директни разговори со Зеленски бидејќи не гледа волја кај Киев.
Зеленски, кој долго време ги повикуваше сите руски сили да ја напуштат Украина како предуслов, во последните недели зборуваше за потребата од разговори за да се доведе конфликтот до праведен крај.
Кремљ, чии сили напредуваат во источна Украина со месеци, оваа недела соопшти дека е премногу рано да се размислува за четиринасочни разговори. Портпаролот Дмитриј Песков повтори дека Зеленски е нелегитимен лидер бидејќи останал на власт по истекот на неговиот мандат.