На Украина ѝ треба поамбициозна и поактивна перспектива за иницијативата да биде во нашата земја, а не кај непријателот, а крајот на војната да зависи од украинските дејствија. Светот ги поддржува оние што имаат одредена перспектива. И тоа е фундаментална задача – да преземеме иницијатива за да имаме можност да станеме посилни, рече Зеленски во своето редовно вечерно обраќање
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика своите сонародници да преземат иницијатива во свои раце за да го решат текот на војната со Русија, која трае речиси 23 месеци, и да обезбедат поддршка ширум светот.
Зеленски ова го изјави во своето редовно вечерно видеообраќање по враќањето од Светскиот економски форум во Давос, каде што апелираше до Западот да го засили притисокот со санкции врз Москва и да ја зголеми поддршката за Киев.
Неколку месеци откако украинската контраофанзива даде ограничени резултати, претседателот на земјата изрази уверување дека Вашингтон наскоро ќе ја достави помошта што беше одложена поради спорови во Конгресот.
Поддршката што ја вети ЕУ исто така заостанува.
„На Украина ѝ треба поамбициозна и поактивна перспектива за иницијативата да биде во нашата земја, а не кај непријателот, а крајот на војната да зависи од украинските дејствија. Светот ги поддржува оние што имаат одредена перспектива. И тоа е фундаментална задача – да преземеме иницијатива за да имаме можност да станеме посилни“,
рече Зеленски.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, вети дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го увери украинскиот претседател дека САД и нивните сојузници се решени да осигурат „Русија да загуби, а Украина да победи“.