Изјавата на Блинкен доаѓа во време кога преговорите во американскиот Конгрес за одобрување нов голем пакет помош за Украина, предложен од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, се во застој
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, вети дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
„Ние сме решени да ја задржиме нашата поддршка за Украина и тесно соработуваме со Конгресот за тоа прашање“,
рече Блинкен за време на средбата со Зеленски.
Изјавата на Блинкен доаѓа во време кога преговорите во американскиот Конгрес за одобрување нов голем пакет помош за Украина, предложен од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, се во застој.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој исто така е присутен во Давос, го увери украинскиот претседател дека САД и нивните сојузници се решени да осигураат „Русија да загуби, а Украина да победи“.
Зеленски им се заблагодари на администрацијата на Бајден и на двопартиската поддршка во американскиот Конгрес.
„Навистина сметаме на вашата поддршка, на продолжување на вашата огромна поддршка“,
додаде Зеленски.
Тој го спомна американскиот систем „Патриот“, кој ѝ помогна на Украина во воздушната одбрана од руските ракети.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, САД испратија околу 44 милијарди долари воена помош за Украина на која треба да ѝ се додадат и повеќе милијарди долари економска и друга помош.
Администрацијата на Бајден го овозможи последниот пакет помош на крајот на декември, но републиканците во Конгресот ја условуваат поддршката за новиот пакет за Украина со драстично заострување на американската мигрантска политика.
Некои републиканци, вклучително и поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се смета за фаворит за републикански кандидат за претседателските избори во ноември, го изразуваат својот скептицизам во врска со помошта за Украина и нејзините шанси за победа против Русија.
Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да одобри пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, но и за Израел и Тајван.