„Само оваа недела, од рускиот псевдореферендум, беа ослободени десетици населени места во регионите Херсон, Харков, Луганск и Донецк“, рече украинскиот претседател во своето секојдневно обраќање кон нацијата набројувајќи осум населени места кои биле ослободени од руските сили
Во своето секојдневно обраќање кон јавноста, украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа кажа оти има добри вести од фронтот додавајќи дека украинската армија постигнала прилично голем и брз напредок против руските сили и ослободила од окупација десетици градови на југот и на истокот на земјата.

„Украинската армија напредува на прилично брз и моќен начин на југот на земјата во контекст на тековната одбранбена операција. Само оваа недела, од рускиот псевдореферендум, беа ослободени десетици населени места во регионите Херсон, Харков, Луганск и Донецк“,
рече Зеленски во видеообраќањето набројувајќи осум населени места кои биле ослободени од руска окупација.
Прашање на време е, рече Зеленски, пред да го избркаме окупаторот од целата територија на Украина.
Украинските сили ја пробија руската одбрана на југот на земјата и ја проширија својата офанзива на исток постигнувајќи значителен напредок во два од четирите региони окупирани од Русија кои Москва ги анектираше минатата недела.
Постигнувајќи го својот најголем пробив на југот од почетокот на војната, украинските сили повторно зазедоа неколку села вдолж стратешката река Днепар, а лидерот инсталиран од Русија во регионот Херсон на југ, Владимир Салдо, признал оти украинските сили пробиле во близина на Дудчани – град на реката Днепар, околу 30 километри јужно од претходната линија на фронтот.
Во меѓувреме, на исток, трупите на Киев продолжија со напредувањето, при што полека навлегуваат во Луганск, област која минатата недела беше анектирана од Москва, а претходно беше под речиси целосна руска контрола.
На 30 септември рускиот претседател Владимир Путин потпиша документи со кои се официјализираше обидот на Русија да ги анектира украинските региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови беа окупирани од руските сили.
Претходно, Москва организираше референдуми во овие четири региони кои беа отфрлени од меѓународната заедница како лажни.