Владата го усвои заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и наСекретаријатот на ЦЕФТА, чија цел е да се преземат дополнителни мерки на претпазливост, за да не дојде до избувнување на ковид-19
Преку т.н. зелени коридори ќе се олеснуваат транспортот и трговијата меѓу земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Северна Македонија, и земјите на ЕУ.
Македонската влада, на денешната седница, ја разгледала и усвоила Информацијата за регионалните и ЕУ активности, со цел олеснување на транспортот и на трговијата на стоки по појавата на пандемијата со ковид-19. Информацијата е во насока на прифаќање на заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и на Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и меѓу Западен Балкан и земјите членки на Европската унија.
Владата ја задолжила канцеларијата на премиерот, во соработка со Министерство за финансии и Царинската управа, како и министерствата за економија, за внатрешни работи, за земјоделство и за транспорт и врски, да ги координира активностите поврзани со имплементација на мерките содржани во Заедничкиот предлог на Секретаријатот на транспортната заедница и на Секретаријатот на ЦЕФТА.
Заедничкиот предлог , како што информираа од владата, има за цел да ја олесни трговијата и транспортот на стоки со преземање единствено дополнителни мерки на претпазливост, за да се обезбеди дека нема да дојде до избувнување на ковид-19. Царината и другите контроли на стоки во легитимната трговија остануваат под трговските правила на ЦЕФТА и правилата што произлегуваат од договорите за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и регионалните партнери.