Крајниот рок за пријавување преку „Мој Кандидат“ е 1 август на полноќ, а кандидатите не смее да бидат партиски членови и да се вработени во градската администрација и претпријатија, министерствата, другите органи на државна управа и државните јавни претпријатија
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ информира дека од денеска во рамки на платформата „Мој град“, го стартува концептот „Мој кандидат“ преку кој граѓаните на Скопје ќе имаат можност да поднесат своја кандидатура за да станат дел од независната листа на коалицијата „Зелен хуман град“ за претстојните локални избори за членови на Совет на Град Скопје.
„За првпат во историјата на организирање избори во Македонија, корисниците на „Мој Град“ ќе може директно да гласаат за пријавените кандидати врз база на нивната апликација, а оние кандидати со најмногу гласови ќе добијат можност лично да го претстават својот профил и ставови пред членовите на ЗХГ, како финален чекор пред влегување на листата“,
се вели во соопштението на „Зелен хуман град“.
Крајниот рок за пријавување преку „Мој Кандидат“ е 1 август на полноќ.
Со овој пристап, иницијативата се стреми кон остварување на идеалот за листа со сооднос „пола-пола“ помеѓу активистите-волонтери кои Коалицијата ги црпи од своите членки, и обичните граѓани кои сметаат дека е редно време нивниот глас да биде чуен во институциите, се вели во соопштението.
„Во согласност со тој идеал, со најдобрите дваесет кандидати од „Мој Кандидат“ ќе се надополни листата за изборите на која се веќе присутни активисти. Според правилата на процесот, заинтересираните граѓани на платформата ќе треба да ги опишат своето образование, професија, претходно учество во социјални движења и активизам, политички ставови и визии, со цел да ги убедат своите сограѓани дека се вистинските личности за градски советници“,
велат од „Зелен хуман град“.
За успешно да ја комплетираат својата кандидатура, објаснуваат од иницијативата, граѓаните ќе треба да се согласат на серија услови со кои се штити интегритетот на процесот и се гарантира соодветноста на кандидатите.
Во склад со антипартиската агенда, кандидатите не смее да бидат партиски членови и да се вработени во градската администрација и претпријатија, министерствата, другите органи на државна управа и државните јавни претпријатија/трговски друштва.
„Од кандидатите се бара да имаат сопствен извор на егзистенција и да прифатат ограничување на два мандата, одразувајќи ја позицијата на ЗХГ дека политиката не смее никогаш да претставува кариера. Конечно, централната улога на „МојГрад“ во целиот концепт е реафирмирана преку условот кандидатите веќе да биле дел од активностите на платформата со поднесување или гласање предлози, и преку согласноста изворно да ги пренесуваат и застапуваат предлозите од МојГрад во Советот, по традицијата која ја воспостави советничката Драгана Велковска. Со ваквото отворање за кандидатурите на скопјани, ЗХГ продолжува да ги крши нормите на конвенционалната политика и во пракса, останувајќи доследен на принципите на хоризонталност, инклузивност и транспарентност кои ја дефинираат Коалицијата. Ова е прв пример во историјата на земјата каде што за кандидатите на една изборна листа ќе се гласа јавно, врз база на јавна презентација на нивниот карактер и компетенции. Целта е да се покаже дека може да постои и поинаков начин на водење политика, во кој клучни се механизмите на директната демократија. Долгорочната намера на ЗХГ е овој начин да го преслика на институциите, почнувајќи од претстојните избори“,
се вели во соопштението на „Зелен хуман град“.