Оттаму повикуваат сите судски чинители да вложат дополните напори и низ една транспарентна постапка да ги убедат граѓаните дека судскиот систем има капацитет самостојно да ги надмине сите предизвици и евентуални слабости
Очекуваме Судскиот совет да биде водилка и гарант на судската независност и самостојност преку обезбедување на потребните услови за функционирање на судскиот систем и имплементирање на правните гаранции предвидени во националната и меѓународната регулатива, порачуваат од Здружението на судии по последните случувања во Судскиот совет.
Управниот одбор на Здружението денеска одржал седница на која донел неколку заклучоци кои подоцна преку соопштение ги сподели со медиумите.
„Управниот одбор на ЗСРСМ, повикува на единство, дијалог и почитување на евентуалните разлики во самиот Судскиот совет и целокупниот судски систем, не отфрлајќи (прифаќајќи) го плуралниот пристап и идејниот диверзитет во судската заедница, истовремено почитувајќи го различното мислење на другите власти и општата јавност, и користејќи го истото како мотив за удвојување на напорите за докажување на реалната независност и самостојност“,
велат од Здружението.
Оттаму повикуваат сите судски чинители да вложат дополните напори и низ една транспарентна постапка да ги убедат граѓаните дека судскиот систем има капацитет самостојно да ги надмине сите предизвици и евентуални слабости.
„Здружението на судиите уште еднаш укажува дека независноста на судството е неопходно за обезбедување на непристрасна правда, и поради тоа истата треба да биде поддржана во нејзиниот индивидуален и институционален аспект, имајќи го предвид фактот дека различните државни власти овозможуваат функционалност на една демократска државата, само доколку секоја поодделно се фокусира на своите надлежности, притоа исполнувајќи ги должностите кои произлегуваат од нивната Уставна поставеност“,
пишува во дел од заклучоците.
На крајот, од Здружението апелираат достојно да се имплементира Стратегијата за реформа на правосудниот систем во делот посветен на Судскиот совет и потсетуваат дека стратегиската определба е ова да се зголеми неговата ефикасност и непосредност.
Пораките од Здружението доаѓаат по превирањата во Советот изминатите десетина кога довчерашната претседателка Весна Дамева беше разрешена со седум гласа „за“ на 26 април по иницијатива на нејзиниот заменик Селим Адеми. Постапка за разрешување на претседател не е предвидено ниту со Законот за Судски совет ниту со Деловникот за работа, а начинот на кој се случи нејзиното отстранување на функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста.
Вчера, „излезот“ од ќорсокакот во кој се најде, Советот го пронајде преку одржување на две тајни седници – во 13:30 и во 14 часот. На првата изгласал да ја повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората ѝ изгласал недоверба со девет гласа и ја разрешил. Одлуките за одржување нејавни седници од Судскиот совет преку соопштение ги оправдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија.
Потоа, во 16:30 се одржа продолжение на седницата првично закажана за 27 април за избор на нов претседател. Со осум „за“ што е минималниот број потребни гласови, Сашко Георгиев, беше избран за нов претседател. Седницата за избор беше јавна, но се одржа надвор од работното време, а Судскиот совет за неа информираше непосредно пред почетокот.