Марјан Ристески од Конфедерацијата на слободни синдикати кажа дека денеска протестираат и дел од вработените во Геријатрија, како и во болниците во Охрид, Неготино и други градови, и дека ако нема плата денес, се разговара за порадикални чекори како блокади, штрајкови и бојкот

Дел од вработените во ГОБ „8 Септември“ преку протест бара итно исплаќање на платите за минатиот месец, чија исплата доцни поради хакерскиот напад на системот на Фондот за здравствено осигурување.
„Пробиен е законскиот рок од пет дена. Луѓето немаат пари, кој ќе ги плаќа каматите, кредитите, сметките? Едноставно тука имаме луѓе кои работат за егзистенција, со многу мала плата. Утринава добивме известување од Управата во кое се вели дека овој протест нема да биде официјален и не е официјален, значи Синдикатот е репрезентативен, имаме доволно членови. Во една институција може да има неколку синдикати, ние постоиме неколку години. Луѓето не треба да бидат обесхрабрени и да си го кажат тоа што го мислат бидејќи тоа што го бараат е законско право“,
рече Рената Ѓаконовиќ од Независниот синдикат, кој е член на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Марјан Ристески од Конфедерацијата на слободни синдикати кажа дека денеска протестираат и дел од вработените во Геријатрија, како и во болниците во Охрид, Неготино и други градови, и дека ако нема плата денес, се разговара за порадикални чекори како блокади, штрајкови и бојкот.
„Сите знаеме како овие медицинари вложија натчовечки напори да го заштитат нашето здравјето, но Владава изгледа ноншалантно, изгубено. Се надевам Владата ќе си ја сфати својата функција. Ова е несериозно. Докторите се револтирани, упатувам апел побрзо да ја дадат платата“,
додаде Ристески.
Претседателот на КСОМ – Марјан Ристески, на протестот на медицинарите пред „8 Септември“, побара Владата повеќе да се грижи за работниците, место за коалициите. Тој изрази сомневање дека проблемот со платите е резултат на хакерскиот напад.
„Јас се плашам дека можеби немаат пари и сега чекаат некако да присоберат. Што ако не работи системот? Па гледате хакерство се случува секаде, место таму да се насочат, да го спречат тоа, сите да ги пуштиме (луѓето) што значат нешто во државата да се иселат, нека останат овде неспособни луѓе, и само што ни останува на нас е – да се молиме на господ“,
истакна Ристески.
Според него Владата се занимава со сама себе, со министри нови, а сите знаеме, како што рече, овие луѓе какви напори дадоа во ковид кризата.
„И да има плата денес, тоа не е конечно решение и затоа бараме со месеци средба со премиерот“,
рече Ристески.
Денеска од Фондот за здравствено осигурување рекоа дека, по хакерскиот напад на институцијата со којшто беа оневозможени услугите, ИТ-експертите ги финализираат процесите и функционалностите и оти речиси сите модули се ставени во функција и дека од утре почнува исплатата на боледувањата, породилните отсуства и другите рефундации.