Државната награда „Мето Јовановски“ за 2022 година, која се доделува за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права, денеска им беше врачена на Ленче Здравкин и на Денис Јанкуловски.
Претседателката на Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, Уранија Пировска, им ги врачи наградите на добитниците во Кристалната сала на Собранието.
„Да им се додели награда на луѓето кои покажаа висока свест за човековите права. Покажаа пожртвуваност во напорите да им помогнат на оние кои се најранливи и најмаргинализирани. Одлучивме да доделиме две награди оваа година затоа што сметавме дека овие двајца луѓе им помогнаа на оние кои навистина се маргинализирани – мигрантите и лицата со нетипичен развој“,
рече Пировска.
Таа нагласи дека двајцата добитници ѝ се добро познати на македонската јавност, Ленче Здравкин или Ангелот од Велес и Денис Јанкуловски познат како Космонаутко.
Здравкин, како што рече, во екот на најголемата бегалска криза ги отвори вратите на својот дом, ги хранеше и им помагаше на бегалците. Таа додаде дека Здравкин е сè уште е активна и им помага на социјално загрозените семејства.
Пировска потсети дека Денис Јанкуловски во време на ковид-19 со своите пораки ги охрабруваше пациентите и укажуваше како треба соодветно да се однесуваме во една таква криза. Наградата „Мето Јовановски“ му се доделува за неговите активности за инклузија на лицата со нетипичен развој.
На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, кој прв им честиташе на добитниците, како и пратеници, универзитетски професори, актери и новинари.