Ова е втор протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамки на „жешката есен“ што ја најави лидерот Мицкоски
Да се врати старата цена на струјата, а членовите на Регулаторната комисија да си поднесат оставки, ова се главните барања на ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска излегоа на втор протест во центарот на Скопје.
Протестот почна во близина на партиското седиште, a заврши пред Регулаторната комисија за енергетика, независното тело кое е надлежно да ја одредува цената на електричната енергија.
Во први редови на поворката, која беше замислена како дефиле низ градските улици со автомобили, беше партискиот лидер Христијан Мицкоски. Заедно со потесното раководство на партијата се двиежа пеш. Зад нив беа партиски членови и симпатизери во возила на кои беа истакнати државни, партиски, но и знамето со сонцето од Вергина.
Кога стигнаа пред вратите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во зградата влегоа партискиот секретар Игор Јанушев и потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николовски за и формално да ги достават барањата. Мицкоски не се обиде да влезе во просториите на РКЕ. Со дел од своите сопартијци и партиски приврзаници остана да чека надвор.
Црвениот кабриолет „Мерцедес“
Додека траеше предавањето на барањето, дел од партиските членови и симпатизери си правеа „селфи“ со црвениот кабриолет „Мерцедес“ паркиран пред Регулаторна, на кој стоеше знак „Долу лопови“ и „Владата е мафија“. Слични пораки како „Богата влада-сиромашен народ“ имаше залепено и на другите автомобили, меѓу кои имаше и луксузни марки возила како „БМВ“ и „Ауди“.
Не е јасно дали ВМРО-ДПМНЕ сакаше да направи корелација меѓу владата и скапите автомобили на нивниот протест, но присуството на возила кои чинат десетици илјади евра за поскапување на сметката за струја од околу 100 денари месечно наиде на потсмев на социјалните мрежи. За СДСМ, пак, тоа беше главен адут да ја обвини опозицијата за лицемерие.
Препукувања – кој прв ја поскапи струјата
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ своето барање се обиде да го однесе директно на шалтер во Регулаторната комисија, која ја обезбедуваше полиција. По две минути, дел од потесното раководство на партијата се врати пред новинарските екипи и се пожали дека никој не ги примил.
Мисајловски преку медиумите ги повика граѓаните да им се придружат на улица, против како што рече, мафијашката власт.
„Гласот на народот е да се намали цената на струјата. Бараме да се врати цената на струјата и да си поднесат оставки членовите на Регулаторната комисија и нејзиниот претседател. Овие партиски членови да си заминат и да дојдат квалитетни кадри кои ќе се грижат за интересите на народот. Ова е битка на секој еден граѓанин, мора да го чујат нашиот глас. ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже. Оваа мафијашка глас може да слушне нешто само ако сме гласни“,
рече Мисајловски.
Тој порача дека ако власта ги чуе барањата, ќе добие пофалба од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак, реагираа преку писмено соопштение, а протестот го оценија како дебакл.
„Откако видоа дека граѓаните не им даваат поддршка на нивните лицемерни протести, денеска срамот од слабата поддршка се обидоа да го сокријат со наводен протест, и тоа со нивните луксузни автомобили. Скапите автомобили кои денеска граѓаните ги видоа се уште една потврда за вистинското, лицемерно лице на ВМРО-ДПМНЕ и поразениот Мицкоски“,
порачаа од СДСМ.
Од таму додаваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја зголемила цената на електричната енергија за 100 отсто и ја укина евтината дневна тарифа на струјата за домаќинствата.
Инаку, ова е втор протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамки на „жешката есен“ што ја најави лидерот Мицкоски. Претходниот пат, членовите и поддржувачите на партијата протестираа пеш.