На 14 септември најверојатно ќе се закаже нова пленарна седница, а дотогаш законите кои ќе бидат на дневен ред ќе треба да поминат во собраниските комисии. Во меѓувреме, според најавите во парламентот ќе има и свечена седница на која обраќање ќе има странски претседател
Заврши одморот за пратениците и во Собранието од утре се очекува да заседаваат комисии, додека од средината на септември да почнат и пленарните седници.
Денеска кај претседателот на парламентот, Талат Џафери, се одржа и координација за динамиката по која ќе се работи и на неа присуствувале координаторите на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, претставниците на Алтернатива и БЕСА, како и претставникот од Владатано, но не и од ВМРО-ДПМНЕ.

По координациајта од СДСМ одржаа и прес-конференција на која координаторот Јован Митрески повика ВМРО-ДПМНЕ да не блокира и изрази надеж дека таквиот однос на опозициската партија ќе се промени.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одби да присуства на денешната координација кај претседателот на Собранието. Се надевам дека ќе се промени овој однос. Не сакам да верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ не ја научиле лекцијата, ниту дека не ја примиле пораката од граѓаните. Повикувам опозицијата да ги научи лекциите од минатото и наместо блокади и деструкции да делуваат конструктивно и одговорно. Тоа е во интерес на сите граѓани. Наместо активна и пасивна блокада, одолговлекување на пленарните заседанија и седниците на собраниските комисии, навредување и попречување на работата, потребен е функционален и ефикасен парламент“,
рече пратеникот.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој најави дека од утре или задутре ќе се одржи и седница на собраниската Комисија за избори и именувања каде во тек е расправа за изборот на уставни судии. Седницата која започна уште во јуни лани, во моментов е стигната до дебата за третото од вкупно девет имиња предложени за уставни судии (три како предлог од СДСМ, а шест од ВМРО-ДПМНЕ). Оваа Комисија треба да утврди три предлози кои потоа ќе треба да бидат изгласани и на пленарна седница.

„Денеска направивме обид за контакт со опозицијата, сè уште не е остварен, најверојатно Комисијата за избори и именувања ќе продолжи утре или задутре“,
рече Митрески.
Од утре да почне да работи оваа Комисија со која претседава пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ побарал и Џафери на координацијата.
„Претседателот Џафери им посочи на координаторите на пратеничките групи од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии на Собранието на Република Северна Македонија да продолжат со разгледување на преостанатите точки од дневните редови“,
соопштија од кабинетот на Џафери.
Во однос на пленарните седници, според планот кој го соопштија оттаму, предвидено е на 14 септември да се одржи првата нова пленарна седница по завршувањето на колективниот одмор, а дотогаш комисиите ќе треба да ги разгледаат законите кои ќе се најдат на дневен ред на таа седница.
До 14 септември, според најавите од СДСМ, пак,најверојатно ќе се одржи и една свечена седница на која ќе има обраќање на странски претседател.