Штипјани по утринскиот снег дојдоа во објектот во спомен на покојниот претседател Киро Глигоров по одговори за дилемите што ги имаат за уставните измени. На располагање им беа премиерот Зоран Заев, правниот експерт Маргарита Цаца Николовска и професорот и ексамбасадор во Бугарија Ѓорѓи Спасов.
„Оние што се заинтересирани знаат, оние што не сакаат да разберат – нема да разберат колку и да им се објасува.“ – рече една штипјанка пред да започне дебатата.
Сепак, на граѓаните им беа потребни објаснувања, како што рече еден штипјанец, за нивните стравови, на пример, дали Грција ќе опстои на Договорот и при влезот на земјава во Европската Унија или ќе испорача нови барања.
„Еве ќе потпишеме, можеби ќе мине и во Собранието таков Договор, но искуството што досега правела Грција и што сме го имале со нив, а и со други, еве со Труција, со Кипар, тие имаат потпишано многу договори па ништо.“ – праша граѓанин.
„Во самиот Договор има алатки, членови, кои што велат – колку Грција ќе помогне за нашата интеграција во Европската Унија толку побрзо примената на новото име дома ќе биде побрза.“ – одговори премиерот Зоран Заев.
Ветувањата за поголеми плати, подобро здравство и образование, некои штипјани не можат да ги поврзат со членство во НАТО преку реализација на Договорот за името. „Па не ни е јасна споредбата меѓу подобар живот и воен сојуз.“ – велат.
„Со членството во НАТО се гарантира трајниот мир, а тоа за секој инвеститор, и домашен и странски, значи сигурсност, стабилност, безбедност, дека нема да ги изгуби своите пари кои ќе ги инвестира во Македонија.“ – одговори Заев.
На дебатата се потврдија навестувањата дека дел од нацрт-амандманите ќе бидат корегирани. Како на пример, ставот три од амандманот што се однесува на членот 49 од Уставот.
„Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство. И помалкубројните заедници овде реагираат и велат дали не се грижи за Србите, за Албанците, за Турците кои што живеат во странство, а се од Македонија. И затоа предлогот е да се додаде дека се грижи за припадниците на македонската дијаспора и за припадниците на другите заедници кои исто така се наша дијаспора.“ – рече Заев.
За измените во преамбулата со кои одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од првото заседание на АСНОМ, Цаца Николовска смета дека посоодветна би била друга формулација.
„Одлуки или акти на АСНОМ кои се однесуваат на конституирање и удирање на темелите на македонската држава без да се навлегува посебно во содржината на истите.“ – смета Цаца Николовска.
Иако тема беа уставните измени од Договорот со Грција, не останаа неспоменати серијата изјави за македонскиот јазик и историја што деновиве доаѓаат од министри во бугарската влада.
„Какви се вашите коментари за последните изјави на г-динот Каракачанов и министерката за надворешни работи на Бугарија?“ – го прашаа Заев.
Тој овојпат не се впушти во содржинско полемизирање и само повтори дека ќе продолжи да гради пријателство со соседите без оглед од кои причини се даваат таквите изјави. Наместо премиерот, коментар даде поранешниот амбасадор во Бугарија, Ѓорѓи Спасов.
„Реакцијата на Каракачанов е само резултат на неговиот страв дека ќе му пропадне бизнисот со издавање на бугарски пасоши на Македонци, ако Македонија стане членка на Европската Унија.“ – рече Спасов.
Напишете коментар