Парични, но и затворски казни се предвидени за сопствениците што несоодветно ги третираат коњите, ги измачуваат и ги оптоваруваат повеќе од она што физиолошки можат да издржат, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Најавувајќи го почетокот на кампањата за заштита на коњите и за подигнување на јавната свест за нивно правилно чување, одгледување и користење, Атанасов истакна дека изминатите години биле доставени голем број претставки од невладини организации и од граѓани за негрижа и несовесно однесување.
Годинава, пак, биле поднесени две претставки. Едната била отфрлена, а за другата во тек е постапка.
„При контролите од страна на ветеринарните инспектори е утврдено дека здравствената состојба на коњите е лоша, дека животните се изнемоштени. Затоа, би апелирал, дека согласно законските прописи во земјава, секое предизвикување болка, повреда и секое нехумано однесување кон овие животни е казниво дело. И со Кривичниот законик измачувањето на животните претставува кривично дело, а сторителот може да се заврши и во затвор“,
рече Атанасов.
Тој изрази уверување дека во соработка со институциите ќе биде постигнат напредок во однос на подигањето на јавната свест за заштита на коњите.
Почетокот на кампањата беше означен со координативен работен состанок во АХВ меѓу претставници на Министерството за внатрешни работи, Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, Градот Скопје, Општина Шуто Оризари и на Коњичката федерација на Македонија. На состанокот, како што информира Атанасов, станало збор за актуелните прашања и за изнаоѓање решенија во однос на подигнувањето на свеста на сопствениците за здравствената заштита и благосостојбата на работните коњи.
„Освен што негрижата значи загрозување на благосостојбата на животното, претставува и загрозување на благосостојбата на сопствениците, зашто коњите се и вид економски ресурс кој овозможува остварување финансиски средства за издржување на семејствата“,
рече Атанасов.
Во рамки на кампањата се изработени едукативен спот, постер на Македонски, Албански и Ромски јазик и билборди кои ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Прилеп.
Кампањата е една од компонентите на кампањите за подигнување на јавната свест за благосостојбата на животните во рамки на проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи“ што АХВ го реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на ИПА 2015. Проектот е составен од неколку компоненти и е вреден 1,6 милион евра.
Официјалниот ветеринарен систем покажува дека во земјава има 11 932 копитари, од кои 8 373 се коњи.