При доделувањето на наградата, Нобеловиот комитет кажа оти нејзината храбра борба носи огромна лична жртва. Активистката издржува повеќекратни казни во затворот „Евин“ во Техеран поради ширење пропаганда
Најпознатата иранска активистка за правата на жените, која во моментов е во затвор, Наргес Мохамади, ја доби Нобеловата награда за мир за 2023 година за борба против угнетувањето на жените во земјата.
„Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ѝ ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите“,
се вели во образложението на Комитетот.
Мохамади е една од водечките ирански активистки за човекови права, која водеше кампања за правата на жените, укинувањето на смртната казна и подобрување на затворските услови во Иран. Таа е и заменик-шеф на Центарот за бранители на човекови права, основан од нејзината колешка нобеловка Ширин Ебади.
Мохамади издржува повеќекратна казни во затворот „Евин“ во Техеран поради ширење пропаганда.
При доделувањето на наградата, Нобеловиот комитет кажа оти нејзината „храбра борба носи огромна лична цена“.
„Режимот ја апсеше вкупно 13 пати, ја осудуваше петпати и ја осуди на вкупно 31 година затвор“,
рече во Осло шефот на норвешкиот комитет за Нобелова награда, Берит Реис-Андерсен.
Одлуката на Нобеловиот комитет да ја додели наградата за мир на Наргес Мохамади доаѓа по повеќе од една година протести во Иран предводени од жени. Демонстрациите почнаа во септември минатата година, по смртта на 22-годишната Махса Амини која беше приведена од т.н. полиција за морал поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување, а три дена подоцна почина од нанесените повреди во притворот.
Немирите набрзо се проширија низ целата земја, а фотографиите од Иранките кои пркосно ги симнуваат шамиите и ги палат извикувајќи „Жени, живот, слобода“ – го освоија светот.