Осомничениот, според првични сознанија за кои информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО), претходно подолг период ја демнел и ja загрозувал сигурноста на жртвата, за што биле водени соодветни кривични постапки против него

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп денеска извршил увид на местото во просториите на Центарот за социјални работи – Прилеп, каде со истрели од огнено оружје денеска беше повредено едно лице.
Осомничениот, според првични сознанија за кои информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО), претходно подолг период ја демнел и ja загрозувал сигурноста на жртвата, за што биле водени соодветни кривични постапки против него.
Меѓутоа, додаваат оттаму, тој избегал од институција во која издржувал мерка задолжително психијатриско лекување.
Во просториите на Центарот, велат од ОЈО, тој пукал од огнено оружје – пиштол кон вработената, која е повредена и е надвор од животна опасност, но и кон директорот на установата, кој не е повреден.
По ова, од ОЈО Прилеп велат дека осомничениот е лишен од слобода, а оружјето и други траги се обезбедени и ќе бидат предмет на вештачење.
Од службата за итна помош, како што информираа претходно, биле повикани во Центарот да укажат помош во 13:55 часот. Според началникот на Итната помош, Боше Милошески, 38-годишната социјална работничка има прострелна рана од куршум во стомакот.