Демонстрантите побараа сите членови на „Јавна соба“ да добијат соодветни казни и да се донесат измени во Кривичниот закон со кои ќе се регулира сексуалното вознемирување
„Држава што не постапува е држава што силува“, „Жртвата никогаш не е виновна“, „Непостапувањето е соучество“, „Заспана полиција, будни силувачи“ – со вакви пораки голем број граѓани и активисти денеска излегоа на протест, за да го изразат револтот од скандалот со „Јавна соба“ – група во која илјадници членови споделуваа фотографии од жени и девојчиња, злоупотребуваа лични податоци и ширеа навреди и говор на омраза.
„Не сме тука за „Јавна соба“, тоа само ја прелеа чашата. Тука сме бидејќи насилството се смета за традиција. Тука сме бидејќи сме биле следени, малтретирани и бидејќи сме научени да молчиме. Тука сме бидејќи се плашиме да пријавиме во полиција. Тука сум за да потсетиме дека непостапувањето е соучество“,
порачаа демонстрантите на протестот.
Рутата на маршот кој го организираше Платформата за родова еднаквост беше од Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство со цел, како што порачаа демонстрантите, да се разбудат институциите и да го расветлат случајот.
На протестот се обрати и Ана Колева, една од жртвите на „Јавна соба“, која претходно јавно проговори за нејзиното искуство. Денеска порача дека сака да биде гласот за сите жртви кои молчеле од срав дека нема кој да ги штити.
„Мојот глас беше за сите оние денови кои досега трпеле или во иднина ќе трпат. Доволно беше молк, време е да се разбудиме. Ова нека биде почеток на големи промени во ова општество. Нека се едуцираат институциите како треба да се однесуваат со нас и со сите идни генерации што доаѓаат“,
порача Колева.
Пред Основното јавн обвинителство демонстрантите побараа законски измени за ефикасна правна заштита од сексуалното вознемирување. Го повикаа обвинителството да го расчисти случајот, бидејќи приведување на неколкумина лица велат, не е правда се додека некој не одговара.
„Разбуди се ОЈО“, скандираше толпата пред обвинителството, каде граѓаните ги оставија своите транспаренти како потсетник за нивните барања.
МВР: Сите докази ќе ги доставиме до ОЈО
По протестот од МВР порачаа дека ги поддржуваат барањата на граѓаните и уверуваат дека работат на случајот.
„Веќе се приведени четири лица, извршени се претреси, одземени се телефоните кои се вештачат и коишто ќе бидат предадени на Јавното обвинителство. Воедно, идентификуваме и детектираме дополнителни лица коишто биле дел од „Јавна Соба“,
стои во соопштението од МВР.
Од МВР тврдат дека неселективно се постапува кон сите што се детектираат и идентификуваат, и дека ќе биде спроведена постапка, сѐ со цел да се обезбедат докази и да се достават до Јавното обвинителство.
„Веќе информиравме за слична група, во која има и членови кои не се од нашата земја, а на којашто се приклучуваат и членови од земјава, така што и тука се постапува и се следи и за сите други активности коишто ги имаме за други групи на социјалните мрежи, будно следиме будно и покренуваме соодветни постапки“,
се наведува во соопштението.
За случајот „Јавна соба“ јавноста слушна уште во 2020 година, а МВР и тогаш идентификуваше дел од инволвираните лица. Но, досега не се покрена обвинение за случајот.
Од Министерството за правда најавија измени во кривичниот законик, со кои како посебни членови ќе се воведат „демнење“ и „сексуално вознемирување“.
Активистите пак, порачаа дека ниту еден закон нема да значи ништо, доколку не се имплементира во пракса.