Претходно, Спасовски најави специјална телефонска линија за пријавување забави за време на празниците
Засилени инспекциски контроли за почитување на мерките за заштита од ширење на ковид-19, најави директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
Тој вели дека би можел да се подготви закон кој ќе овозможи да се казнува за прекршување на рестрикциите врз основа на фотографија или видеоснимка.
„Ако Владата направи закон што ќе дозволи да казнуваме врз основа на слики и снимки, ние сме тука. Но, нашата надлежност засега е сами да воочиме и да затекнеме нарушување на законските прописи“,
изјави Пауновски.
Тој нагласи дека контролите ќе продолжат интензивно и за Нова година.
„Контролите и за новогодишната ноќ ќе продолжат исто како досега. Инспекторите се на терен седум дена во неделата, а има инспектори кои и по 12 или 14 часа се на терен. Толку имаме луѓе, сите се ангажирани. Верувам дека и новогодишните празници најголем дел од нив ќе ги поминат на терен. Затоа упатувам апел до сите што мислат да ги нарушуваат протоколите, да се воздржат, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“,
истакна Пауновски.
