Петличковски во вечерашното гостување во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5, беше дециден дека според моменталната ковид-ситуција во земјава, рестриктивните мерки треба да се чуваат за кога ќе бидат потребни, додавајќи оти сериозно ќе се размислува за отворање на прашањето за планирање на есента
Според претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, моменталната ковид-ситуација во земјава не наложува воведување на нови рестриктивни мерки, а засега, според него, доволни се последните препораки за задолжително носење на маски во болници, аптеки, јавен превоз и старечки домови.
Петличковски во вечерашното гостување во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5, беше дециден дека според моменталната ситуција со околу 170 хоспитализирани со ковид-19 во болниците, од кои 20 во Инфективната клиника и ниту еден со тешка клиничка слика, рестриктивните мерки треба да се чуваат за кога ќе бидат потребни.
Бидејќи вирусот изненадува и се враќа со нови верзии, сепак, како што нагласи, сериозно ќе се размислува за отворање на прашањето за планирање на есента.
„Вирусот нè изненади со појава на нова верзија која уште полесно се шири и има прилично ефикасен начин да го избегне веќе стекнатиот имунитет. Во моментот во Австралија е најсериозна ситуацијата бидејќи таму е дојдена есента и во овој бран истовремено со омикронот се појавува и грип. Ситуацијата е комплексна и има прилично голем притисок врз установите и затоа сметаме дека треба малку посериозно да го отвориме прашањето за планирање на нашата есен во прв ред заради грипот и недоволната вакцинација која можеби ќе ни прави проблем наесен“,
оцени Петличковски, не исклучувајќи ја можноста за враќање на маските во училиштата, доколку се појави потреба за тоа.
Според него, се чини дека се приближуваме до пикот на овој ковид-бран кој ќе трае неколку недели.
„Потоа се очекува бројот на инфицирани да се намалува. Ќе ги видиме и бројките од неделава, но се чини дека го достигнуваме плафонот“,
појасни Петличковски.
Во врска со колективниот имунитет, првиот човек на Комисијата за заразни болести рече дека имаме остварено солидно ниво, како и во целиот свет, но порача дека тоа не значи гаранција за неинфицирање.
„Некои повеќепати прележале, 50 проценти од населението се вакцинирани. Лицата со хибриден-комбиниран имунитет се најзаштитени од нови инфекции и тежок тек на болеста и затоа нема голем притисок врз здравствените установи“,
информира Петличковски.
За протоколите и новите начини за лекување, рече дека тие само се прилагодуваат на новите верзии.
Инаку, како што информира Министерството за здравство, во последните три дена (6-8 август 2022) направени се 3 561 тест, а регистрирани се 1 233 нови ковид-случаи, од кои 284 се реинфекции со вирусот.
Бројот на активни ковид-случаи, пак, се приближува до 4 000 и во моментов изнесува 3 991. Најголем дел од активните случаи се во Скопје, вкупно 1 562. Следува Битола со 267 активни случаи и Прилеп со 183 ковид-случаи. Пробиштип и Пехчево се единствените градови во земјава каде што во моментов не е регистриран ниту еден активен случај на ковид-19.