Вкупно 370 килограми марихуана е запленета на албанско-македонската граница кај Дебар на преминот „Блато“. Крајната дестинација на марихуаната била да стигне во земјава.
„По целосното мерење на запленетата дрога утврдено е дека во камионот кој беше контролиран на преминот „Блато“ откриена е количина од 370 килограми. Дрогата беше откриена при излез од албанска територија во камион марка „мерцедес“ со албански сообраќајни ознаки, со лого на производител на мебел, управувано од лицето Ф.А.(26) од пограничното село Долно Ѓурица. Крајната дестинација била Северна Македонија“,
стои во вечерашното соопштение од албанската полиција.
Оттаму информираат дека истрагата продолжува во соработка со македонската полиција со цел да се идентификуваат сите лица вмешани во трговијата со дрога од двете страни на границата.
Дрогата е откриена при втората контрола, а била скриена во посебен простор поставен над подот на возилото. Била натоварена во Пешкопеја.
Според полицијата, успешната акција е резултат на засилените контролни мерки со цел спречување секаков обид за шверц на дрога и спречување на било какви меѓугранични криминални дејствија.
Ова е најголема количина на дрога запленета на двете страни од овој граничен премин.