Синоќа, на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Бутел, изгорел автомобилот на ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Дритон Кучи.
Засега нема информации дали станува збор за подметнат пожар, но познато е дека возилото било паркирано во подземна гаража.

Случајот го регистрирала и скопската полиција.
„На 24 јануари 2020, во 1:43 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во подземна гаража на булеварот ‘Босна и Херцеговина’ во Скопје настанал пожар во неколку возила. Полициски службеници излегле на местото и констатирале дека целосно било опожарено патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.К.(32) од Скопје, а делумно биле опожарени патничко возило ‘пежо’ со скопски регистарски ознаки и патничко возило ‘мерцедес’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Ф.(33) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема“,
велат од МВР додавајќи дека се увидот е во тек.
Кучи стана министер за економија во април 2016 година како дел од бранот нови кадри на ДУИ кои Али Ахмети ги предложи откако во екот на тогашната политичка криза реши да ги повлече сите свои министри и заменици-министри.
Тој дојде на функцијата на местото на Беким Незири и беше министер за економија до јуни 2017 година, кога по изборите ДУИ формираше влада со СДСМ и Алијанса за Албанците. Тогаш за оваа функција беше избран актуелниот министер Крешник Бектеши.