„Врз основа на праксата што ја имаме и предметите кои ги работевме, утврдивме некои аномалии и заедно со Академијата за судии и јавни обвинители организиравме тркалезна маса каде што ги повикавме Јавното обвинителство, граѓанските судии и професорската фела. Дискутиравме за овој закон и заклучивме дека се потребни измени“, вели Слободан Ивановски за „360 степени“

Ќе се менува Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, вели директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Станува збор за закон кој е во сила помалку од една година, а според Ивановски веќе се покажале недостатоци при примената. Овој механизам се применува кога Јавното обвинителство нема доволно докази за кривично гонење, а има разумно сомневање дека имотот не е стекнат законски.
„Немаат доволно докази за да го процесуираат тоа, но имаат разумно сомневање дека имотот е стекнат на нелегален начин и од нелаглни приходи. И секогаш товарот на докажување преку Државното правобранителство на суд паѓа на тужениот. Врз основа на праксата што ја имаме и предметите кои ги работевме, утврдивме некои аномалии и заедно со Академијата за судии и јавни обвинители организиравме тркалезна маса каде што ги повикавме Јавното обвинителство и граѓанските судии и професорската фела. Дискутиравме за овој закон и заклучивме дека се потребни измени. Имавме и средба со министерот за правда, на која побаравме да се оформи работна група што ќе работи на евентуални измени на овој закон“,
вели Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција.
Според Ивановски, нотирани се неколку проблематични точки.
„Јас ќе кажам дека намерата на законот е одлична. Сепак, треба да се направи измена во делот на функционалноста, делот на роковите, во делот на проверките. На пример, кога ние бараме податоци од банките, тие до нас доставуваат податок десет години наназад од барањето кога го доставуваме. Значи, кога бараме во 2025 г., тие нананзад враќаат до 2015 година. И тоа ни е проблем затоа што во иницијативите имаме имот стекнат, да речеме, во 2006 г., па не можеме да направиме проверки за нешто за кое банките не ни доставуваат податоци. Ова е само еден сегмент, утврдени се повеќе точки, за кои се надевам дека во иднина ќе дебатираме и ќе ги санираме“,
рече Ивановски.
Динамиката на измените ќе зависи од Министерството за правда, вели тој. Во однос на веќе поднесените иницијативи, пак, ќе се постапува според постоечката регулатива.
„При крај сме со тие иницијативи. Кога ќе ги завршиме, ќе ги доставиме до Јавното обвинителство да ги процесуира со Државното правобранителство на суд“,
додава директорот на Финансиската полиција.
Проблем може да биде ретроактивноста, се согласува Ивановски, и додава дека е потребно вклучување на пошироката јавност. За одредени дилеми, според него, ќе се бара автентично толкување за да не се погреши.
Невладини организации уште во ноември минатата година укажаа на можни проблеми при практикувањето на Законот и побараа негово повлекување.